Свештените Обители на македонското древно светилиште „Свети Јован Крстител“ попознат како Бигорски манастир и на неговот метох манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, имајќи ги предвид вонредните услови предизвикани од светската пандемија со „Ковид-19“, изразуваат послушност кон денешното официјално соопштение на Светиот Архијерејски Синод на МПЦ – ОА и во целост се сообразуваат со истото.
-Литургискиот живот, како идентитет и суштина на постоењето на Православната Црква, во нашите манастири се одвива непрекинато. Притоа, во дневниот богослужбен круг воведовме дополнителни молитви, но и пренос во живо на дел од великопосните богослуженија, а заради духовна поткрепа на народот, кој во овие мигови има голема потреба од тоа, вели сестра Ефимија.
Додава дека таа практика ќе ја спроведуваат и во однос на богослужбите на Великата и Страдална Седмица.
-Кога станува збор за празникот над празниците – Воскресението Христово, во интерес на здравјето на нашите граѓани, ќе мора да се прилагодиме на новонастанатите услови и да ги почитуваме донесените мерки за превенција и заштита,посочува сестрата.
И покрај состојбата со пандемијата од коронаврусот во светот, се очекува Светиот Благодатен Оган и годинава да пристигне во Бигорски манастир, каде за првпат пристигна во 2008 година и стана прв божји храм во Македонија каде приситигна Благодатниот Оган.
-Како што пренесе Jerusalem Post Светиот Благодатен Оган од Ерусалим ќе биде пренесен во православните земји како и досега, и покрај драконските мерки против коронавирусот. Поконкретно, согласно објавата, државата Израел изрази подготвеност да ги прими специјалните летови од православните држави, што секоја година го земаат Светиот Оган од Ерусалим,а ние очекуваме да ќе го превземеме од Грција, вели сестра Ефимија.
Потсетува дека ползувајќи се со своите лични пријателства со претставници од Грчката црква, Бигорски го носеше Светиот Оган од Солун и тој пристигнуваше приближно околу полноќ, кога всушност и треба да започне пасхалната богослужба.
-Би сакала да потсетиме дека Благодатниот Оган е едно постојано Божјо чудо што секоја година се случува на Велика Сабота, во Господовиот Гроб во Ерусалим. Светиот Оган е натприродно собитие, а тоа се гледа од начинот на кој се појавува, од тоа што пламенот во почетокот не изгорува, како и од фактот што тој предизвикува душевна промена кај многумина што се удостоиле да го видат. Благодатниот оган е несомнено дело на нетвараната Божја благодат, но не и самата нетварна светлина од Тавор и од Христовото Воскресение. Како што преку таинствата на православната Црква се осветуваат водата и елејот, така, во овој случај, се осветува и природата на огнот. Затоа, кон него не треба да имаме несоодветен или магиски пристап, туку онаков на каков што нѐ учи светата Црква, објаснува сестра Ефимија.
Нагласува дека Воскресението Христово не е некоја прекрасна легенда, апстрактна теологија или некој празник востановен во далечното минато, туку „тоа е самата суштина на христијанството, тоа е победа, подарена од Бога“.
Бигорски манастир, годинава одбележува 1000 години од основањето во далечната 1020 година од монахот Јован Дебарски кој тогаш станал Охридски архиепископ.Посветен е на Крстителот Господов, Свети Јован, за кого самиот Господ Исус Христос рекол дека меѓу родените од жена нема поголем од него.Преживеал многу премрежија и голготи,како што беше и последната трагедија од 30 септември 2009 година,кога пламените јазици го пеплосаа Горни Палат.Но,секогаш се извишувал како феникс за да може да „говори“ за постоењето на православието на овие простори.
Во измнатите години по повод Велигден во манастирот присуствуваа над 2.500 верници од сите делови на државава и пошироко.Таа масовност годинава ќе ја нема поради состојбата со коронаврусот.
Сепак, внезгден во пазувите на Бистра, со екот на камбаните, испреплетен со жуборот на Радика, на полноќ, во сабота, 18 април, ќе биде соопштена радосната вест за Христово Воскресение-Велигден, Празникот над празниците, како што тоа било со столетија.