Расте бројот на инфицирани со Ковид-19, но засега нема поригорозно ограничување на движењето на граѓаните

Во деноноќието меѓу 30 и 31 март се потврдени 44 нови случаи на инфицирани со коронавирусот, со што бројот на вкупно заболени досега достигна 329, од кои 12 се излекувани, а деветмина починаа. Властите оценуваат дека ситуацијата останува сложена и оти се можни сите сценарија за идниот развој на настаните, но сметаат дека досега имаме адекватна поставеност на државата и нема потреба од воведување поригорозни мерки во однос на ограничувањата на движењето на граѓаните.

Според последните објавени податоци, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се лекуваат 54 пациенти, четворица се во критична состојба, а 20 освен редовната терапија, имаат потреба само од кислородна маска. Останатите се со лесна клиничка слика без потреба од поддршка на дишењето во смисла на дополнителен довод со кислород.

Од вкупниот број регистрирани случаи на инфицирани со Ковид-19, како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, 176 се од Скопје, по 47 од Дебар и Куманово, 15 од Штип, 10 од Прилеп, осум од Тетово, седум од Струга, шест од Велес, четири од Битола, три од Охрид, два од Кавадарци и по еден од Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Гевгелија.

Состојбата со коронавирусот во земјава беше тема и на вчерашната седница на националниот Совет за безбедност, на која, како што информира претседателот Стево Пендаровски, било оценето дека ситуацијата останува сложена, но дека едногласно е заклучено оти досега имаме адекватна поставеност на државата и ефективна соработка меѓу надлежните служби.

– Советот заклучи дека ситуацијата останува сложена, а сите сценарија за идниот развој на настаните се оптоварени од главната непозната, а тоа е колку долго ќе трае пандемијата. При тоа едногласно беше заклучено дека досега имаме адекватна поставеност на државата и ефективна соработка меѓу надлежните служби, стриктно спорведување на препораките на СЗО и со мали исклучоци имаме навистина одговорно однесување на граѓаните, рече Пендаровски.

Шефот на државата оцени дека во овој момент нема потреба од воведување поригорозни мерки во однос на ограничувањата на движењето на граѓаните, посочувајќи дека на Советот е оценето оти со ова ниво на ограничувањето на движењето се постигнуваат задоволителни ефекти.

– Според компаративните статистички податоци, нашата земја во однос на досега заразените, починатите и досега тестираните, не е под нивото на земјите членки на ЕУ, а во некои од тие статистички индикатори и е понапред во позитивна смисла од земјите во нашето опкружување, истакна Пендаровски.

Во рамки на мерките против коронавирусот властите најавуваат зголемување на капацитетите за тестирање на граѓаните во следните денови за речиси две третини, имајќи ја предвид дополнително можноста за тестирање во приватните болици, донациите и работата на мобилните тимови.

Според министерот Филипче, бројот на тестови во Институтот за јавно здравје, како и во приватните болници и со донациите се сосема доволни за нашите потреби. Од почетокот на пандемијата во земјава се извршени вкупно 3.518 тестови.

Во рамки на зголемување на капацитетите за хоспитализација на инфицираните од Ковид-19, денеска ќе биде ставена во функција Мобилната болница покрај Инфективната клиника, чии капацитети пак се исполнети со 50 проценти.

Во очекување на натамошно ширење на епидемијата во земјава, чиј пик се очекува кон крајот на април, Министерството за здравство отвори наменски донациски сметки за прибирање директна финансиска помош во парични донации за набавка на стоки, добра и услуги кои се потребни заради заштита на населението од коронавирусот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *