Излезе новиот албум на Папаз и Гроздановски со македонска традиционална музика

Македонските инструменталисти – саксофонистот Горан Папаз и гитаристот Танче Гроздановски дигитално го објавија првиот заеднички проект, насловен едноставно – „Елегија“, во кој има неколку преработки на традиционални македонски песни, со што официјално го подаруваат на македонската публика.

Албумот “Елегија” содржи 8 композиции, четири авторски и четири преработки на народни мелодии. Содржи авторски песни каде авторите и изведувачите ја докажуваат својата музичка оригиналност, но на албумот се преработени во оригинален аранжман и неколку традиционални македонски песни,  со што се зачувува и се негува македонскиот фолклор, и за за сегашните, но и за идните генерации.

Албумот во изминатиов период се работеше во студиото „Гроздановски“, а во реализацијата, освен виртуозите Горан Папаз и Танче Гроздановски, на пијаното учествуваше и Иван Еминовиќ.

Албумот веќе може да се слушне на официјалниот канал на Папаз на YouTube, каде може да се одбере секоја песна одделно: Memories/ Спомени, Ој Јано, Јано, Што да правам што да чинам, Нели бевме, Friends/ Пријатели, Калеш бре Анѓо, Елено, ќерко Елено, Пушти ме.

Гостин на песната „Нели бевме“, во која се рецитира песната на македонскиот великан на пишаниот збор Кочо Рацин, е Марија Димитрова која се потпишува и како ко-продуцент на овој албум.

Извршен продуцент е Давор Палиќ, музиката и аранжманот се на Папаз и Гроздановски, тимот кој веќе работи на следниот проект. Албумот „Елегија“ дигитално ќе биде дистрибуиран од страна на хрватската музичка продукција „Менарт“.

Фотографиите и омотот за албумот ги изработи фотографот Никола Николов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *