Шилегов и Каминис за зближување на Скопје и Атина и затворање на отворените прашања

Градоначалниците на Скопје и на Атина, Петре Шилегов и Јоргос Каминис, денеска во грчката престолнина ќе имаат официјална средба, решени, како што самите велат, да изградат повеќе мостови на соработка и да бидат движечка сила за приближување на двете соседни земји.

Во пресрет на средбата, вчера двајцата градоначалници во заедничка колумна повикаа на зближување на двата града и затворање на отворените прашања меѓу Македонија и Грција.

Двајцата градоначалници, во колумната објавена во македонскиот дневен весник „Слободен печат“ и грчкиот дневен весник „Та Неа“, го изнесоа своето разбирање дека активирањето на преговорите создава стравови и несигурност кај големи делови од населението во двете земји, и дека таквите негативни чувства и грижи треба да се почитуваат, внимателно да се решаваат и да не се игнорираат.

– Не смееме да дозволиме националистичките гласови во двете страни да ги искористат овие чувства во обидот да го загрозат конечниот договор и повторно да ја утврдат нашата судбина и нашата заедничка иднина, не само како соседи, туку и како европски граѓани, нагласуваат Шилегов и Каминис.

На крајот од колумната тие додаваат дека како градоначалници на главните градови, решиле да го отворат патот кон поблиска соработка и силно ги охрабруваат нивните национални влади да го вложат тој дополнителен напор потребен за да не се пропушти новата можност и да се постигне договор, кој им служи на основните интереси на двете земји и гарантира подобра иднина за сите нивни сограѓани.

Јоргос Каминис, говорејќи за радиото Тема 104.6, отфрла секаква можност со Петре Шилегов да разговараат за политичките случувања и разговорите за името и открива дека наскоро ќе ја возврати посетата и со Шилегов ќе се сретне во Скопје, јавува дописникот на МИА од Атина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *