Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар

Арбен Таравари, лекар и Виш научен соработник на Клиниката за неврологија во Скопје, по последните локални избори ја презеде функцијата градоначалник на општина Гостивар. Како кадар на Алијанса за Албанците претходните неколку месеци од минатата година беше на чело на  Министерството за здравство.

Во интервју за МИА Таравари зборува за разликата меѓу градоначалниката и министерската функција, за растурањето и напуштањето на владината коалиција со СДСМ и ДУИ, за фронтот што Алијанса на Албанците го има кон ДУИ, за проблемите во општина Гостивар и актуелните здравствени дилеми – треба ли нов Клинички центар во Скопје….

Пред повеќе од три месеци министерската функција ја заменивте со градоначалничката. Бевте министер од кој се очекуваа толку посакуваните и  суштински реформи во здравството, но се одлучивте да се занимавате со друг тип на проблеми. Можете ли сега, од оваа куса дистанца да ни ги кажете мотивите за ваквата одлука и дали можеби, воопшто погрешивте?

– Кога ја презедов министерската функција, пристапив со голем елан и желба да се сменат состојбите во здравството. Оформив тим што доби и поддршка од граѓаните, бидејќи ги увидоа намерите дека навистина ќе се подоброт работите. Откако не дојде до договор помеѓу коалиционите партнери за локалните избори, ние како нова политичка партија бевме принудени да излеземе на терен и заедно со претседателот Зијадин Сеља да ја побараме поддршката од граѓаните. Тоа не беше наша желба, туку на членството. Доколку тоа беше моја желба јас ќе останев министер или таму каде што работев како лекар кој е добро прифатен од пациентите. Сметам дека моето кандидирање и кандидатурата на Сеља беа „вистински чекор“. Лично, не згрешив што се кандидирав. Истото ќе го направам повторно, бидејќи ми е важно да пораснеме како партија и да бидеме први меѓу Албанците. Не да тераме политика, туку како Алијанса да ја оствариме мисијата да се поставуваат вистинските луѓе на вистинско место и да постават нови стандарди во политиката. Верувавме дека е потребна реформска влада и дека тоа ќе се оставри. Во прилог на ова сакам да потенцирам дека мотивите за кандидирањето беа во насока на зајакнување на позициите на партијата за водење на реформски процеси и не згрешивме.

Вашата кампања за локалните избори предизвика бурна расправа и отворена конфронтација со дотогашниот владин партнер СДСМ, а подоцна и напуштање на  владината коалиција. Какви штети има за партијата Алијанса за Албанците од оваа одлука?

–  Мислењето дека доколку сте на власт ќе го зголемите и членството не мора да биде точно и дека со учество во владата ќе ви расте и рејтингот. Како пример ќе ги посочам нашите партнери НДП (Националната демократска преродба). Добија еден министер во Владата, исто и ние. Тие од 36 илјади гласови паднаа на две илајди, а ние од 36 илјади на локалните избори добивме над 50 илјади гласови. Достоинствено ја напуштивме владината коалиција, бидејќи не сакавме да бидеме сервилни, туку рамноправни партнери во власта. Се разделивме во моментот кога ни рекоа дека не ни следува ресорот за здравство. Ние тоа место го заслуживме во оној историски момент кога на 27 април се формира мнозинството во Парламентот и Зоран Заев доби мандат да формира влада. Нашето излегување од коалицијата и оставките на сите функционери беа од принципилени причини. Токму тоа беше поздравено и прифатено, особено кај албанскиот електорат, што пријатно нé изненади. Алијансата за Албанците сега има 12 илјади членови и е втора по бројност во албанскиот блок. Ние имаме пораст од 40 отсто добиени гласови во однос на изборите во декември 2016 година. Тоа, ниту една политичка партија го нема постигнато. Сега сме втора по големина албанска политичка партија и препознаени сме како респектабилна опозициска партија во албанскиот кампус.

Во вашите изјави ги изедначувате СДСМ и ВМРО ДПМНЕ за соработката со ДУИ и нивното коалицирање. Велите, македонскиот партнер се менува, а ДУИ останува и натаму на власт. Што е тоа што ви пречи во таквите соработки и зошто?

– Во албанскиот кампус нема промени од 2002 година, освен кога ДПА беше кус период беше во владата. ДУИ имаа доволно време и можност да покажат дека ги застапуваат правата на Албанците, но многу малку направија. Тоа се гледа и преку довербата што ја добиваат на избори. Доколку повторно влезат во поширока коалиција и излезат на избори ќе ја загубат довербата за најмалку половина од последните избори. Тоа се покажа и на изборите во 2016 година кога добија 80 илјади, а на претходните имаа 150 илајди. На последните локални избори имаа пораст од едвај две илајди и тоа благодрание на поддршката од СДСМ со кои функционираа како една партија. Најодговорно тврдам, доколку  СДСМ беше неутрална на локалните избори, ДУИ немаше да освои ниту една општина. СДСМ со тој потег стана полоша од ВМРО ДПМНЕ, бидејќи директно влијаеше и ја „македонизира“ волјата на албанските граѓани. Тоа беше некоректно. Го попречија натпреварот меѓу албанските партии и не дозволија да дојде до израз вистинската волја во албанскиот блок. Тоа ми пречи. Не само мене, туку и на поголемиот број Албанци. Тој бином СДСМ-ДУИ е ист како ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ. Двете партии без поговор ги прифаќаат нивните предлози.

Во Вашите јавни настапи ги обвинувате ДУИ како виновници за повеќето актуелни состојби во државата. Покренавте и кампања „Вистината за ДУИ“, на која очигледно ѝ посветувате време и енергија. На што се должи ваквиот однос? Поважно е што ДУИ работеле, наспроти што вие и Алијансата ќе понудите и реализирате?

– Мора да бидеме реални. Во „бомбите“, многу малку, речиси ништо, не беше понудено за функционерите на ДУИ. Тогаш, тоа беше правдано со изговорот дека немало многу материјали, немало преводи, што го сметам за неискрен одговор. Ако веќе на виделина се вадеа валканите работи на едниот коалициски партнер, тогаш треба да се извадат и на другиот, во случајот ДУИ. Група од дваесетина луѓе со години се на раководни функции, некогаш како министри, некогаш како градоначалници. Тоа се фигури за кои има серизони сомнежи за корупција, злоупотреби, вмешаност во скандали. Таков е случајот со „Маѓар Телеком“, има министри за кои и СЈО има покренато истрага, а од друга страна премиерот вели дека сé е чисто. Оваа состојба на штитење, едноставно ги фрустрира останатите Албанци во Македонија. Ние, водени од принципот на транспарентност, сакаме да укажеме како се работело. Токму и затоа покренавме кампања преку која ќе прикажеме како некои луѓе во ДУИ ја практикувале власта и како нивни, блиски луѓе се богателе. Граѓаните мора и треба тоа да го знаат, бидејќи нивните пари и доверба се злоупотребени. Ние сакаме да поставиме еден одговорен начин во раководењето и трошењето на народните пари. СДСМ треба да овозможат судските процеси да се одвиваат без притисоци. Но, за жал морам да констатирам дека СДСМ почнува да наликува на нивните претходници во власта. За три-четири месеци им дозволија на ДУИ да ги трансформира во старото ВМРО ДПМНЕ и да се збратимат. Најодговорно тврдам дека овој нов дует има сосема мали разлики во споредба со претходната владина коалиција.

Да се навратиме на вашата актуелна функција. По три месеци откако сте градоначалник, каква е вашата оценка, каде се снаоѓате подобро?

– Дефинитивно подобро како министер, бидејќи бев во ресор што подобро го познавав и имав квалитетни соработници. Меѓутоа, и тука во општината формирав добар тим и се навикнувам на новата работа. Сметам дека ќе бидеме успешни.

Со која оценка ја оценувате министерската, а со која градоначалничката работа?

-Како министер, деветка, а како градоначалник осумка.

Ако се земе во предвид дека претходно ја имавте поддршката во владата и сега кога ја немате во Советот на општината и опструкциите кои отаму доаѓаат, имате ли лични дилеми откако сте на нова функција?

– Кога бев министер имав подршка од мнозинството на национално ниво, од далеку поголем број граѓани, за разлика од поддршката на локално ниво. Сега како опозициска партија се соочуваме со блокади. Така е и со предлог буџетот што не се става на дневен ред на седница на Советот заради непринципелни причини. Убеден сум дека ќе ја надминеме ситуацијата и ќе обезбедиме просперитет на градот и граѓаните. Токму затоа немам дилеми.

Деновиве актуелна е дебатата околу изградбата на Клиничкиот центар во Скопје. Ако останевте министер за здравство, која идеја ќе ја застапувате: дислокација или изградба на истото место? Всушност каков Клинички центар му треба на Македонија?

– Апсолутно дислокација. Додека бев министер во неколку наврати тоа му го кажував на премиерот, со образложение дека мал број пациенти починуваат во возилата додека се транспортираат кон клиничкиот центар. Причината е густиот сообраќај по улицата „Водњанска“. Во период на „шпицот“, од 9 изутрина до 15 часот, делница помала од еден километар со автомобил се поминува за половина час. Доколу започнат градежни работи, тој метеж ќе се зголеми и застоите ќе бидат подолги, а Клиничкиот центар нема да функционира. Во оваа прилика сакам да појаснам дека не станува збор за изградба на нов Клинички центар, како што претходната власт тоа го најави. За да нема забуни, на предвидената локација (стара Гинекологија) е предвидено да се гради една зграда наменета за интерните клиники. Да напоменам и дека трошокот за изградбата на тој таканаречен Клинички центар е превисок. За тие пари може да се направи целосно нов и на нова локација. Ќе биде и поевтино доколку дел од стариот се продаде. Постојат две физибилити студии. Според нив, новиот центар би бил подостапен и пофункционален за пациентите и персоналот. Едната локација е во Бардовци, а другата во касарната „Илинден“. Решението со дислокацијата на една од овие две локации го сметам како најдобра опција. Предложив и кредитот, што е предвиден за изградба на зградата, да не се троши во целост, туку на местото на стара Гинекологија да се направи помала зграда за клиничка лабораторија и дијагоностички центар.

Законот за употребата на јазиците силно ги разбранува духовите во Парламентот и во јавноста се појави поделеност. ВМРО-ДПМНЕ се противат, а вие на локално ниво соработувате интензивно. Тоа е своевидна колизија. Како се справувате со ваквата ситуација, со оглед на рел ациите во соработката?

– Законот за јазици е коректен и е максимумот што можеше да се направи, а да не биде во спротивност со Уставот. Тоа што ВМРО- ДПМНЕ го блокира е сосема друга работа. И мене како и на другите Албанци не ми е по волја што тоа го прават. Но, во Гостивар немавме друга опција. Сакаме да ја поделиме власта со Македонците, Турците, Ромите. Имаме површна соработка со ВМРО ДПМНЕ во насока на евентуално формирање ново мнозинство во Советот. Не станува збор за некаква коалиција или подлабока соработка. Да бидам искрен, понудив една широка коалција во која ќе бидат и двете македонски партии, од ВМРО прифатија, но СДСМ одби. Тоа што не се сменети кадри на ВМРО поставени во претходниот мандат е заради состојбите во Советот. Сепак, политиките и интересите на локално ниво се поинакви од оние на национално ниво.

Се соочувате со проблеми за изгласување на Буџетот за 2018 година. Соработката со мнозинската коалиција меѓу ДУИ и СДСМ не Ви оди и се жалите на опструкции. Работите отидоа до таму што во јавноста сé повеќе се зборува за ново сценарио : По три месеци да има нови избори за членови на Советот. Кој тоа го посакува и кому му одговара?

– Искрено и јас посакувам нови избори, бидејќи сум убеден дека ќе победиме. Граѓаните се свесни кој прави опструкции, зошто не почнуваат инвестициите вредни 400 илјади евра, зошто доцнат платите во образованието. Токму заради тоа, ДУИ нема да одат на избори. Се користат со тактика на „цајтнот“, носење на одлуки во последен момент. Тоа го покажаа и со тоа што го користат крајниот рок за свикување на седница за да се запази законската рамка и да не дојде со самораспуштење на Советот. Така ќе направат и со предлог буџетот што требаше да се прифати во декември. Убеден сум дека предложениот буџет ќе го изгласаат пред истекот на предвидениот рок и тоа во периодот од 25 до 31 март, само за да не оди на избори.

Во предизборието ветивте повеќе проекти и зафати. Имавте решенија за сообраќајниот хаос, јавен превоз, депонијата Русино и редица други. Какви се проекциите во вашата програма за овие инвестиции во гостиварската општина?

– Планирани се вкупно четири катни гаражи. За две се изработува документацијата и треба да бидат готови за година, година иполовина. Другите две ќе бидат во партнерство со ИВЗ и гостиварското муфтиство. На почетокот од идната година ќе воведеме јавен превоз со еко-автобуси на две линии. Едната ќе биде од селото Горна Бањица до селото Дебреше и другата од селото Речане до селото Чегране. Тој превоз ќе биде субвенциониран од општината и цените ќе бидат минимални. Депонијата Русино ќе биде уредена по европски стандарди за што веќе е потпишан меморандум. За таа намена се обезбедени грант од швајцарската амбасада во висина од шест милиони евра и кредит од КФВ банка од 1,2 милиони евра. Работите ќе започнат во јуни годинава, а целата инвестиција ќе се реализира во наредните четири.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *