ДИК бара преиспитување на одлуката за изборите на 12 април

Државната изборна комисија (ДИК) пред утрешниот состанок на Советот за безбедност свикан кај претседателот Стево Пендаровски во врска со ширењето на коронавирусот побара од државниот врв да ја преиспита одлуката за одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април.

Членовите на ДИК на денешната седница, укажаа дека не станува збор само за денот на изборите, туку дека во овој процес се вклучени многу луѓе кои меѓусебно треба да комуницираат.

Само членови на избирачките одбори се 35.000 луѓе, а дополнителен е и бројот на членовите во ОИК, а во организација на изборите е вклучен и огромен број административно технички и логистички персонал. Треба да бидат заменети 3.200 лица од медицинскиот персонал кои што се членови на избирачките одбори и ОИК.

Членот на ДИК Јанаке Витановски апелираше до политичките партии и до Владата да седнат и да се договорат, посочувајќи дека ДИК ќе ги спроведува нивните одлуки, но доколку вирусот се прошири, тогаш како што рече тој, кој ќе ги реализира изборите, бидејќи може да се случи десеткување на членовите на изборните органи.

Исто така тој укажа дека во изминатите денови во просториите на ДИК биле и членовите од ОИК од Дебар и Центар Жупа, каде сега е воведена кризна состојба поради коронавирусот. Според него,  доцна ќе биде одлуката за тоа што ќе се случува со изборите да биде донесена на 22 март.

Членот на ДИК Борис Кондарко укажувајќи на потребата од повторно разгледување на ова прашање на утрешната сеница на Советот за безбедност што ќе заседава во проширен состав рече дека од стручен аспект треба да се земе предвид ова нивно мислење, бидејќи како што кажа, изборите не се состојат само од политичките партии.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски потенцираше дека треба да се донесе одлука со ладна глава и дека пред сè сега е здравјето на граѓаните.

Според него, редуциран е бројот на активностите на ДИК и се прават сите напори голем дел од обврските да се завршуваат по електронски пат, но посочува дека во нивните простории понекогаш поради обврските поврзани со организација на изборите се собирале по 200 до 300 луѓе дневно.

Сепак, вели тој , ние ќе продолжиме да работиме се до нова одлука на надлежните институции.

Деркоски одговарајќи на новинарко прашање рече дека нивен претставник не е дел од Советот за безбедност и затоа ја користат седницата за јавно да ги кажат своите ставови, а целта е да помогнат при донесувањето на соодветна одлука.

Во однос на евентуалното одложување на изборите, тој појасни дека мандатот на пратениците од сега веќе распуштениот собраниски состав трае до изборот на новиот парламентарен состав и дека досега ние сме имале пракса на вонредно свикување на Парламентот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *