Нови мерки за заштита од коронавирусот, досега 18 заболени

Шест случаи со коронавирус (пет од Дебар, а една пациентка пристигнала со симптоми на коронавирус од Барселона) се регистрирани вчера, со што вкупниот број заболени во државава достигна 18. Во врска со потребата од преземање нови дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на коронавирусот, Владата на вчерашната седница усвои повеќе заклучоци.

Тие опфаќаат затворање за посетители на сите продавници во молови во државава, освен супермаркети, продавници за храна и аптеки, додека сите останати правни лица можат да работат и да остваруваат продажба на алтернативен начин (преку онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл) и да вршат достава на нарачките, целосна забрана на работењето на кафетерии, барови, клубови, казина и спортските обложувалници, сите угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да работат, без посета на потрошувачи (гости) и да остваруваат продажба на алтернативен начин (преку онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл.) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд, пулт и сл.).

Исто така предвидено е и затворање на сите копнени гранични премини во државава, освен граничните премини Табановце, Деве Баир, Ќафасан, Богородица и Блаце кои може да бидат отворени за премин на патници и возила и прекин со работа аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, односно да се затвори граничниот премини на овој аеродром, по 48 часа од донесувањето на оваа наредена мерка, забрана за влез на територијата на државава на странски државјани и од земјите со среден ризик согласно листата на СЗО објавена на веб страницата на Министерството за здравство, освен за оние лица за кои МВР ќе даде дозвола по мислење од Главниот координативен кризен штаб, кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес.

Покрај тоа, Владата го задолжува Министерството за финансии – Царинска управа, во соработка со министерствата за економија, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за надворешни работи, итно да формира работна група, со цел до утре да подготви информација/предлог за увоз-извоз на прехранбени продукти, а се препорачува сите работодавачи, односно секое раководно лице во институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата на начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.

Да се почитуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот и родителите да не дозволуваат децата да бидат надвор и заедно, бидејќи со тоа не ги штитат. Ова е апелот што го упати премиерот Оливер Спасовски до граѓаните со цел да се спречи ширењето на коронавирсот во државава.

Според министерот за здравство Венко Филипче, со седење дома се помага да се зачува јавното здравје и да се стави рампа на патот на ширење на овој вирус.

– Ние сме во фаза каде што не знаеме што можеме да очекуваме, добро е што имаме едно место на локална трансмисија. Многу земји во регионот очекуваат пикот да го имаат на крајот на март или на почеток април, рече Филипче и додаде дека сите капацитети се подготвени, респираторните машини во моментов не се проблем и ги има доволно.

Филипче информираше дека Владата формирала Кризен штаб со кој ќе раководи техничкиот премиер, Оливер Спасовски, а ќе го сочинуваат министерот за здравство, за одбрана, за внатрешни работи, за транспорт и врски, за финансии, за образование и наука, надворешни работи, директорот на Центарот за управување со кризи и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување. Кризниот штаб ќе се состанува на дневна основа претпладне во просториите на Вкадата, веднаш по состанокот на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство.

Министерството за внатрешни работи информира дека од безбедносен аспект состојбата во Дебар и Центар Жупа каде завчера е прогласена кризна состојба е стабилна. Полициските службеници вршеле засилена деноноќна обиколка и контрола на угостителски и други јавни објекти во двете општини и приградските населби (маркети, ноќни клубови, фитнес салони), со цел доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на коронавирусот, што ги презема Владата.

Од МВР посочуваат дека на терен се одвиваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Се дозволува влез само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго забранет излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Нема проблеми во однос на дотур на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.

Од вчера до утре сообраќајната полиција од Прилеп ќе ги контролира влезовите и протокот на патници во градот од општините Кривогаштани, Долнени, особено од општината Пласница како превенција од зараза со коронавирусот. 

Во функција на спречување на ширењето на коронавирусот и отстранување на последиците од епидемијата, по прогласувањето кризна состојба на територијата на општините Дебар и Центар Жупа, претседателот Стево Пендаровски донесе одлука за ангажирање на Армијата за поддршка на локалната самоуправа во двете општини и поддршка на полициските сили во обезбедување на дел од државната граница со Република Албанија на територијата на општина Дебар.

Утре кај претседателот Пендаровски ќе се одржи состанок на Советот за безбедност на кој, освен постојаниот состав, повикани се министерот за здравство и началникот на Генералштабот на Армијата. На седницата на Советот за безбедност, како што најави претседателот, ќе бидат разгледувани евентуалните опции за справување со опасноста од ширење на коронавирусот. Според него, во однос на стоковите резерви нема простор за загриженост и потенцираше дека има доволно залихи и доколку се усложни состојбата со коронавирусот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *