Велешани летово ќе имаат доволни количества вода од ХС „Лисиче“

Акумулацијата  „Лисиче“ од  хидро системот „Лисиче“ преку која  со вода за пиење се снабдуваат граѓаните на Велес и неколку околни населени места има доволно количества на вода, а состојбата и пред последните дождови беше под контрола, информира за МИА Дејан Арсовски директор на ЈП за водостопанство „Лисиче“.

Според него, последните врнежи придонеле за зголемување на количествата за нови нешто над три милиони кубни метри вода. Споредено со пред една година акумулацијата е повисока за 1,85 метри или има за 1,480 милиони кубни метри повеќе вода од ланскиот март.

Како што појасни инженер Блажо Бонев од ЈП за водостопанство „Лисиче“,  денешното ниво на акумулацијата е на кота 416,60 метри надморска височина со акумулирана вода од 17,550 милиони кубни метри вода, а пред дождовите на 6 март котата била на 413,28 метри надморска височина со акумулирана вода 14,524 милиони кубни метри. Лани на 6 март котата била на 411,43 метри надморска височина со акумулирана  вода од 13,044 кубни метри вода за разлика од годинава кога на истиот датум котата била од 413,28-413,43 метри надморска височина  со акумулирани 14,524 милиони кубни метри  вода или имало за 1,480 милиони кубни метри повеќе акумулирана вода.

-Ако минатата година ја завршивме без никаков проблем за недостаток на вода, со изнесените сегашни поповоли показатели со поголеми акумулирани количества на вода споредено со март лани, може да заклучиме дека во претстојното лето акумулацијата ќе има доволно количества на вода за пиење за велешани и околните населени места и нема простор за загриженост, најави Бонев.

Во прилог на тоа појаснува дека вообичаено максимумот на количества на вода во акумулацијата „Лисиче“ се достигува  на крајот на мај и евентуално до средината на јуни.

-Со оглед на тоа што сме средината на март и со новите врнежи од дожд оваа пролет очекуваме акумулацијата да биде максимално дозволено полна со вода, појасни Бонев.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *