В понеделник седница на Советот за национална безбедност за состојбата со коронавирусот

Претседателот Стево Пендаровски за в понеделник свика седница на Советот за национална безбедност со стандардниот состав, и дополнително присуство и на министерот за здравство и началникот на ГШ на Армијата, на која ќе се разговара за состојбата со коронавирусот и мерките што стојат на располагање.

Тој на денешната прес-конференција рече дека има три опции кои на државата и стојат на располагање во врска со развојот на ситуацијата со ширењето на коронавирусот. Првата е можен ангажман на армијата без прогласување кризна состојба, како и досега, втората е да се прогласи кризна состојба во одредени делови или во целата земја, и третата за прогласување вонредна состојба, нешто за што лично тој во моментов смета дека нема потреба.

-Армијата со наредба од јануари годинава им помага на единици на МВР и локалните самоуправи во ситуации кои не можат да се справат со состојбите и ова е доволен правен основ да се помага на локална самоуправа и надлежни институции и единици како е проценета и дефинирана состојбата во моментов. Постои можност за кризна состојба на делови iли на цела територија заради вирусот бидејќи, тоа неспорно е закана за националната безбедност и според Закон за управување со кризи Владата предлага воведување кризна состојба во траење од 30 денови, рече Пендаровски.

За дополнителен период на кризна состојба, ќе треба да одлучи Собранието.

– Третата варијанта, според член 125 од Уставот кој никогаш не била искористен, е да се воведе вонредна состојба поради загрозување на здравјето на граѓаните од поголем обем. Членот точно ги покрива овие состојби. На седницата ќе бидат разгледани сите опции и ќе видиме што ќе излезе како препорака бидејќи Советот не носи одлуки, туку, само препорачува, рече претседателот Пендаровски.

За вонредна состојба, тој смета дека во овој момент не треба да биде воведена, но, како што потенцира, допушта дека може да има и други информации и можеби ќе треба и тоа се размислува како опција.

– Ако Собранието не може да се состане, бидејќи сега е распуштено, иако јас мислам дека за таков случај може да се состане, тогаш вонредна состојба може да прогласи претседателот на државата. Ова за да биде појасно за јавноста дека улогата на Армијата при вонвредна состојба е слична и во она што го прави во кризните региони на границите и нема никаква опасност дека може да ја прошири надвор од Устав и закон, рече претседателот Пендаровски.

Тој вели дека од разговорите што ги имал со директорот на СЗО за Европа, упатува на тоа дека земјава добро се справува со ширењето на коронавирусот.

– Проценка е дека нашата земја се справува најдобро во однос на брза и соодветна импелементација на мерките и препораките на СЗО. Тоа не значи дека работата е завршена, туку дека со преземените мерки на институциите е спречено поголемо ширење на коронавирусот, нешто што, како што рече, се случува и во побогати и поразвиени земји од нашата, потенцира Пендаровски.

Претседателот на државата информира дека добил и официјални информации оти состојбите со стоковите резерви во земјава се добри и дека има доволно за случај на ширење на коронавирусот.

– И во делот на животните продукти потребни во такви ситуации, но и во делот на енергентите состојбата е добра и има доволно залихи, исткна на прес-конференцијата Пендаровски.

Тој апелираше сите да се придржуваат на мерките и да не се дозволува никаква ноншалантност ако сакаме да го спречиме или ограничиме ширањето на коронавирусот, но и граѓаните да се информираат само од официјални извори, со оглед на тоа што надлежните откриле намерно креирање и пласирање неточни информации за ширење паника и рушење на довербата во системот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *