Прилепска „Витаминка“ очекува година со подобри услови за стопанисување по ланската тешка година за стопанството. Во тој поглед се и две инвестиции кои ги финансира компанијата, информираше генералниот директор на прехранбената индустрија „Витаминка“ при денешната средба со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски и претседателот на советот Миле Талески. Имено Јованоски со денешната посета на капацитетите на „Витаминка“ ја започнува серијата средби и посети на прилепските компании.
Според Наумоски, „Витаминка“ го стабилизира пазарот и по освојувањето на регионалните, интенција е да се освои и пазарот во Република Србија. Компанијата влезе во две инвестици.
– Во фаза се две инвестиции. Првата е во „Фабрика 1“. Градиме нов фабрички ресторан за вработените и проширување на канцелариските простории за да ги подобриме условите за маркетиншкиот и развојниот сектор . Втората инвестиција е во „Фабрика 2“, тоа е нов магацински простор за готовите производи од 3 000 метри квадратни со 4000 палети со три дела: едниот ладен простор, другиот со сув режим, а третиот гравитациски магацин. Планирано е да се постават и фотоволтации во магацинскиот простор за производство на струја за потребите на компанијата, конкретно за објектот со магацините. Инаку, компанијата ја унапредува соработката со Општината и ќе продолжи да ги поддржува културните, спортските и другите манифестации и настани во Прилеп, рече Наумоски
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски вели дека не случајно неговите стопански средби почнуваат со прехранбената индустрија „Витаминка“ која е лидер во проиводството на прехранбени артикли не само во земјава, туку и во регионот. Освен тоа е општествено одговорна фирма.
– Како градоначалник од денес ги почнав средбите со прилепските стопанственици и посетата на компаниите и не е случајно што прва е „Витаминка“. За почит се постигнувањата и развојот на компанијата. Нивните производи се брендови. Компанијата има високо ниво на општествена одговорност. Ги помага речиси сите културни, спортски манифестации. Се надевам дека соработката меѓу локалната самоуправа и компанијата ќе продолжи на високо ниво, рече Јованоски кој нагласи дека локалната самоуправа е подготвена да им помага на прилепските компании и да ги поддржува во нивниот развој.