Во Европа секогаш имало бран на мигранти и тој ќе продолжи, но треба да се најде начин како да се менаџира, истакнаа учесниците на вториот ден од тинк тенк форумот „Стимулирање на стратешка автономија. Придонесот на Западен Балкан за заедничка европска иднина“ што се одржува денеска во Скопје.
Тие дебатираа за миграцијата како феномен и за актуелните случувања со мигрантите на грчко-турската граница. Се осврнаа на миграцијата како проблем уште од 2015, 2016 година и посочија дека се уште и денес се дискутира за стравот од миграцијата.
Кристоф Бендер, заменик-претседавач на Европската иницијатива за стабилност, се осврна на Договорот за миграција ЕУ – Турција. Според него, Турција го исполнила тоа што го ветила, а ЕУ она што го ветила не го направила. Единственото нешто што се случило, според него, е финансиската поддршка за бегалците во Турција.
Даниел Хелер, програмски координатор на Институт за безбедносни студии во Прага, се осврна на миграцијата, од безбедносен и историски аспект, за нејзиното влијание врз европското општество, економијата, пазарот на трудот…, како и за миграцијата на муслиманите, за мигрантската криза.
Тој посочи дека во многу земји НВО секторот поддржува и работи со бегалците, а, како што рече, според некои пропаганди бегалската криза била претставена како еко апокалипса во Европа.
Бернд Марин од Европското биро за политички консалтинг и општествени истражувања, пак, зборуваше за балканската дијаспора низ Европа. Посочи дека од земјите од поранешна Југославија само Словенија е со население во пораст.
– С. Македонија е добар пример, бидејќи бројот на населението се зголемува од крајот на Втората светска војна, но исто така станува земја од која луѓето емигрираат, рече Марин.
Учесниците на панелот едвај дискутираа за тоа што ќе се случи со С. Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и останатите држави, дали мигрантите ќе најдат нова рута, алтернатива…
На агендата во попладневниот дел на форумот се темите: безбедносни/хибридни закани, владеењето на правото и иднинатата на Европа.
Форумот е во организација на „Социетас Цивилис“, во соработка со Европскиот совет за надворешни односи канцеларија Софија, а е дел од програмата на копретседателството на С. Македонија и Бугарија со Берлинскиот Процес во 2020 година.