ВМРО-ДПМНЕ Неготино реагира поради одлуката да се скратат милион денари наменети за новородени деца

Без присуство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на четвртата седница советниците од СДС во Советот на општина Неготино изгласаа амандман и одлука за изменување на одлуката за исплаќање на еднократен надоместок за секое новородено дете во општината. Ова го изјави на денешната прес-конференција Петар Манчев, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери.

Со оваа одлука, нагласи, се кратат еден милион денари наменети за младите брачни парови кои добиваат новороденче.

– Таа мерка вроди со резултати, од 2013 до 2016 година наталитетот се зголеми за 19 проценти. Во 2013 се родиле 176 деца, а во 2016 таа бројка се зголеми на 210, додаде Манчев.

Информираше дека нивната советничка група ја напушти седницата поради, како што рече, недемократско однесување на власта и селективниот пристап при примена на правдата во Македонија.

– Македонија е заробена држава од страна на СДС. СДС го девалвираше правото и правната држава. Институциите веќе не работат по закон, туку по диктат на власта. Правосудните органи се под притисок, а граѓаните живеат во страв од насилието кое го спроведува власта, рече Манчев.

Според него, „власта во политички монтирани случаи ги затвара патриотите чии единствен грев е што си ја сакаат државата, а синоќа на Влада помина закон за амнестија на затвореници извршители на тешки кривични дела“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *