Дождот придонесе за минимално покачување на нивото на акумулациите во Кочанско

Врнежите од дожд во текот на изминатите неколку денови придонесоа за минимално покачување на нивото на акумулациите од хидросистемот „Брегалница“ во кочанскиот регион, поради што состојбата и понатаму се оценува како сериозна.

Во водостопанската подружница „Брегалница“ во Кочани велат дека сè уште е рано да се предвиди дали и колку малите количини вода ќе влијаат врз промена на планот за наводнување за претстојната сезона, без оглед што во последните три дена во хидросистемот се акумулирани дополнителни два милиони кубни метри.

– Мерењата што ги направивме изутринава покажаа дека дотокот на вода во акумулацијата Калиманци изнесува 11 кубни метри во секунда, што е за двојно повеќе во однос на вчерашната контрола во истиот период. Тоа придонесе за само едно деноноќие да се акумулираат околу еден милион кубни метри, што дава извесна доза на оптимизам дека состојбата ќе се подобри. Во моментот браната е на кота 491,96 метри, односно има околу 30 милиони кубни метри, што е далеку од максималниот капацитет од 120 милиони, истакна Димче Димков, раководител во водостопанската подружница „Брегалница“.

Нешто подобра е состојбата со браната Гратче каде дотекува околу половина кубен метар вода во секунда и таа е на прелив од четири сантиметри, а дополнително се испуштаат уште околу 400 литри во секунда.

Од водостопанската подружница „Брегалница“ нагласуваат дека од нивото на акумулирана вода што ќе се постигне до средината на април ќе зависат и евентуалните промени во планот за наводнување на полињата со ориз во Кочанско, а за што земјоделците навреме ќе бидат известени.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *