Мицкоски со пакет мерки за квалитетно образование и силна култура, зголемен буџет за образование, повисоки плати за наставниците и професорите, нови театри

Почитувани,

Дневните препукувања, префрлањето на вина, креирањето на поделби и конфликти нема да ја однесе Македонија кон посветла иднина. Тоа е стратегијата на власта за да ја зголеми апатијата и да прикаже дека сите се исти, во ситуација кога не сме сите исти.

Токму овие работи надополнети со криминал кој не се казнува, неправди и отсуство на волја за суштински реформи се работите кои не влечат надолу. Препукувањата и кусогледите памфлети надополнети со ниски страсти и повторени лаги не се начинот на кој што една земја може да води политика.

Овие три години доживеавме стагнација во секое поле. Иновативноста, вложувањата во образованието, културата и сегментите кои би требале да се моторот на прогресивноста во една земја се запоставени. Имаме култура која стана предмет на политичка трговија, програми и пари кои се делат, не по квалитет туку по бизнис и политички мотиви, образование кое не е во фокусот на владата, и од кое започнува да се прави политика. А, губат младите и идните генерации, но најважно од се губи државата.

Потребно е вртење на нова страница и воспоставување на концепт на обнова која ќе донесе коренити реформи, квалитет и мотивација во образованието и културата.

Денес ќе промовирам мерки кои ќе ги реализираме во областа на образованието и културата.

Затоа како прво се обврзуваме на обнова која ќе опфати изградба на нови 20 и реконструкција на најмалку 50 училишта во Република Македонија. Повеќе училишта за подобри услови и поквалитетно образование. Новите 20 училишта и реконструкцијата на минимум 50 постојни ширум државата ќе значи пристојни услови за работа и инвестирање во идните генерации. Голем дел од постојните училишта функционираат во супстандардни услови и тоа мора најскоро да се промени веднаш по формирањето на новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Се обврзуваме на обнова која ќе донесе поголеми примања за Универзитескиот наставен кадар. И тоа воспоставување на методологија со која ќе обезбеди и ќе ги зголеми примањата на наставно образовниот кадар на универзитетите. И тоа до 100.000 денари за редовните универзитетски професори, до 80.000 денари за вонредните професори, до 60.000 денари за доцентите и до 45 илјади плата за асисистентите на факултетите. Ова значи 2.5 пати повеќе од тоа што денеска го обезбедува државата.

Ќе повторам, ќе дефинираме методологија според која редовните професори на универзитетите ќе имаат можност да дојдат до месечни примања од 100.000 денари загарантирани од државата. Вонредните 80.000, доцентите 60.000 и асистентите 45.000 денари.

Квалитетното високо образование подразбира инвестирање во подобри услови за работа, средства и други лабораториски ресурси, но и мотивиран кадар. Токму со оваа мерка ќе се стимулира квалитетот и мотивацијата на универзитетскиот наставен кадар. Да не ни се случува асистенти и доценти од универзитетите да напуштаат наставно образовен процес и да бараат подобра иднина поради тоа што примањата се 20-25.000 или нешто помалку од тоа.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи поголеми плати за професорите во основното и средното образование. Тоа подразбира доследно почитување на Колективниот договор. Доследно почитување на Колективниот договор и повисоки плати на наставно образовниот кадар во основното и средното образование.

Се обврзуваме на обнова која ќе опфати средно стручно образование во функција на стопанството, односно дуално средно образование. Ќе пристапиме кон проширување на дуалниот систем на стручното образование по принципот учење преку работа на реално работно место, кој ќе развие и стручни компетенции и вештини за адаптирање во работниот однос. Ваквата реформа ќе овозможи брзо вработување на стручниот кадар во компаниите во Македонија, со соодветно вреднување на трудот на работниците и се разбира ќе го намали иселувањето на млади луѓе од наша земја.

Ова е многу важно затоа што на сите состаноци до сега со стопанските комори без разлика на која Стопанска Комора станува збор ова ни беше еден од основните теми на разговор. А, тоа е како да се обезбеди квалитетен повисок образован но и пониско образован кадар.

Се обврзуваме на обнова која ќе овозможи најмалку еден Универзитет во првите 1.000 според Шангајската листа за квалитет. Денес нема Универзитет од Македонија кој е меѓу 1.000 најдобри во светот. Македонија не постои на мапата за квалитет во високото образование. Ние тоа ќе го овозможиме со најмалку еден универзитет кој според својот квалитет ќе се рангира на Шангајската листа. Да бидеме извозник на наука, да бидеме извозник на знаење. Да се обидеме во нашата држава, во Македонија, на нашите универзитети да донесеме студенти покрај тие кои што се тука дома, Македонија, да донесеме студенти и од надвор. Луѓе кои што ќе го стекнуваат своето образование овде во Македонија.

Се обврзуваме на обнова која ќе донесе зголемување на инвестициите во образованието од 3.7% на 5% од БДП што ќе значи повеќе пари во образованието. Со оглед дека состојбата на образованието е незадоволителна, неопходно е за оваа област, која е темел и столб на нашата иднина да се одвојат повеќе средства од буџетот. Покачувањата на стапката од 3.7% на 5% ќе овозможи спроведување на неопходните вистински, не само декларативни реформи во образованието.

Се обврзуваме на обнова која ќе донесе намалување на ДДВ од 18 на 5% во културата. Ова ќе значи повеќе заштеда за граѓаните и повеќе достапна култура. Ова ќе се однесува за уметнички дела, за организирање на културни настани – продажба на билети, за изнајмување на простор, за организирање на културни настани во институциите од културата, а ќе придонесе и за стимулација на самоодржливоста на институциите.

Ќе повторам намалување на данокот на додадена вредност во културата од 18 на 5%.

Се обврзуваме на обнова која ќе опфати изградба на нови театри во Прилеп, Охрид и Скопје. Конечно Прилеп и Охрид ќе добијат комплетно нови театарски згради, а Скопје уште една нова современа зграда за театар.

Се обврзуваме на обнова која ќе опфати реконструкција на зградата Музеј на Македонија согласно современите архитектонски стандарди. Повторувам согласно современите архитектонски стандарди.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи капитален проект за Дигитализација на културното и уметничкото наследство, а воедно истото да го сочуваме од заборавот на времето кое ќе стане подостапно за јавноста.

Се обврзуваме на обнова која ќе опфати Инвестиција во македонски брендови и креативни индустрии. Ова значи финасирање и системска поддршка за развојот на креативните индустрии во културата како економски ресурс за креирање нови работни места, приходи и одржлив развој.

Се обврзуваме на обнова која ќе овозможи Делегиран буџет за културните установи. Ова подразбира сигурност во финансирањето на проекти во културата, но и мотивација за награда за најуспешните.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи Унапредување на македонскиот јазик како наше идентитетско обележје. Ова опфаќа сет мерки како изработка на Корпус на македонскиот јазик, Академска граматика и Етимолошки речник, поддршка на изданијата за Правописот на македонскиот јазик.

Се обврзуваме на обнова која ќе овозможи стимулирање на бизнис секторот да инвестира во културата. За таа цел ќе направиме измени во постојниот закон со кој ќе се овозможи повеќе инвестиции на стопанството во сферата на културата, олеснувања кои ќе овозможат поттикнување на бизнисот да насочува повеќе средства во развојни проекти во културата.

Почитувани,

Овој сет на мерки од обновата со кои новата влада ќе обезбеди реформирано квалитетно образование и силна култура. Политизирањето на овие две области мора да се заборави, стручноста и професионализмот да доминираат со образовните и културните процеси.

Ние ќе се бориме за обнова која ќе овозможи повеќе образование и култура, повеќе за наставниците, професорите, младите и студентите, повеќе во културата и уметноста. Се обврзуваме на обнова и многу работа, обнова која ќе донесе нова енергија, надеж и достоинство за идните генерации.

Ова е само дел од проектите и политиките кои што ќе бидат дел од Програмата – проект обнова на Македонија.

Со почит,

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *