Заев: Првата предизборна коалиција меѓу македонска и албанска партија логично продолжение на досегашните политики

Првата предизборната коалиција меѓу македонска и албанска политичка партија е логично продолжување на сите досегашни политики и заложби за напуштање на концептот на поделби по етнички кампуси за сметка на создавање цврсти темели на новата политичка платформа на СДСМ за градење „едно општество за сите“.

Ова во интервју за Локално го вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев кон истакна дека предизборната коалиција со Движењето Беса е нов исчекор, кој може да го зајакне по структура и по фер поставеност, еднаквиот глас на секој граѓанин. Испишавме убава историја со предизборна мултиетничка коалиција на тоа сме особено горди.

-Нашата земја е мултиетничка со векови. Овој нов квалитатив којшто со прогресивни политики го создаваме со конкретен ефект и почеток од 2016 година кој денес уште повеќе го зацврстуваме во најголема, најразнолика коалиција која е сигурен победник на изборите на 12 април. Сите ние, како политичари и како политички партии мора да се менуваме кон подобро. Мораме да го слушаме гласот на граѓаните и она за што ни забележуваат, да го менуваме. Ова треба да го разбере и ДУИ, и тие треба да се менуваат на подобро. Тоа во интерес на унапредување на општеството, на политичкиот плурализам, на нив како партија, но пред се во интерес на граѓаните, нагласи Заев во интервјуто.

Во врска со тоа дали очекува кон коалицијата да се приклучат и други партии нагласува дека вратите за идно коалицирање се уште се отворени.

-Даваме простор на секој политички субјект кој ги дели принципите и вредностите на СДСМ, кој е спремен да работи за доброто на граѓаните, да ни се приклучи, вели Заев, но напоменува дека тоа не важи за ВМРО-ДПМНЕ, под актуелното раководство, кое, како што рече, е под контрола на Груевски.

На прашање за разговорите кои ги достави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски до обвинителството, а во кои се слуша неговиот глас, поранешниот премиер вели дека во тие разговори убедува пратеници зошто е важно да се усвои Законот за јавно обвинителство.

– ВМРО-ДПМНЕ се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеа дека предметите на СЈО беа под закана – Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен, вели тој.

Со носењето на Законот за Јавно обвинителство и со останатите системски закони, додава Заев како извршна и законодавна власт сториле се за непречено функционирање на правдата.

-Подготвивме целосна професионална законска рамка за судовите и обвинителствата да можат да постапуваат независно, ослободени од каков било политички притисок. Сега притисокот доаѓа искличиво од граѓаните. И во најновиот извештај на Европската Комисија кристално јасно се забележува дека законските реформи поврзани со правната држава се исполнети. Сега на ред е правосудството, да испорача правда и наместо делата да застаруваат, конечно да добијат правен епилог, а оние кои се виновни да одговараат, истакна лидерот на СДСМ.

Во врска со датум за почеток на преговорите додава дека носењето на Законот за Јавно обвинителство не беше услов, но е аргумент плус пред нашите пријатели во ЕУ.

За економскиот бум кој го најавува опозицијата, доколку дојдат на власт, претседателот на владејачката партија посочи дека „нема поголемо лицемерие од тоа ВМРО-ДПМНЕ да зборува за зголемување на платите и за инвестирање во инфраструктурата“.

– Мицкоски е губитник, неуспешен политичар, тој не знае економија. Мицкоски и Груевски ја покачија цената на струјата, ја задолжија земјата, а парите ги украдоа и ги потрошија на стиропор фасади. Најнеуспешниот директор на ЕЛЕМ (ЕСМ) не може да води успешна економска политика. Затоа нема да ја добијат довербата од граѓаните, смета Заев.