Ременски за документите од укажувачи: Станува збор за класична злоупотреба на моќта на безбедносно-разузнавачката заедница

За поседувањето документи за кои смета дека е можно да се поврзани со шпионажа и дали во врска со нив ја контактирало Обвинителството, пратеничката Фросина Ременски денеска изјави  дека нив не ги чува дома, туку документите, рече, се на место на кое треба да се чуваат.

Во изјава за медиумите по состанокот во Антикорупциска, пратеничката на СДСМ рече дека се чувствува предадено од интересот на јавноста да слушне за многу важни прашања, а не пројавила интерес во изминатата година, туку повеќе се интересирала, како што рече, „за некои споредни и небитни прашања во контекст на судски процес и во контекст на луѓе“.

-Станува збор за класична злоупотреба на моќта на безбедносно-разузнавачката заедница и во интерес на заштита на правата на луѓето кои до нас, како членови на надзорни собраниски тела, доставиле таква документација, не би можела да зборувам повеќе вака јавно зашто фактот што самиот опис на дејствија и самата работа по случаите веќе ќе ги идентификува луѓето кои работеле на тие случаи, рече Ременски, додавајќи дека станува збор за пријава по закон за укажувачи и се работи за сериозно дело.

Со претседателот и членовите на Антикорупциска денеска поразговарала и за тие пријави кои, како што рече, „алудираат на инволвираност на Министерство за внатрешни работи, дури и на Јавно обвинителство во дел, како можна адреса за пријавување“.

Антикорупциската и Народниот правобранител како адреса за укажување, рече Ременски, не поседуваат институционални капацитети да процесираат такви сложени предмети.

-Меѓутоа, разговаравме дека во следното постапување на Антикорупциска комисија ќе има консултација со јавниот обвинител заради заштита на лицата коишто го пријавиле случајот. Многу е интересно кога пратениците ќе се доведат во ситуација да бидат укажувачи. Ние не сме укажувачите, нам ни пријавуваат, но тоа не значи дека не треба да трпи заштита и лице кое пријавува и тој на кого му е пријавено. Законските одредби се многу јасни што може да биде класифицирано, што не може да биде класифицирано. Јас мојата граѓанска должност ќе си ја исполнам до завршување на мојот мандат како пратеник и ќе проследам се што имам поврзано со некакви сомневања или документација што доаѓа до нас, рече Ременски.

Во врска со рочиштата за случајот „Рекет“ смета дека има медиумска некоректност во известувањето и хиперпродукција на информации во кои има и многу шпекулации поврзани со неа и нејзиниот сопруг.