Општина Чашка добива асфалтирани улици со финансиска поддршка од Програмата за рурален развој

Со пари од Програмата за рурален развој, граѓаните од Општина Чашка првпат добиваат асфалтирани улици. Чашка конкурираше со два проекта преку оваа Програма. Едниот е за изградба на локален пат за поврзување на село Бусилици со регионалниот пат Велес – Прилеп, за што ќе добијат финансиска подршка од 18,5 милиони денари, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На увид во градежните работи за изградба на овој локален пат денеска беа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски.

Вториот проект на оваа општина е за асфалтирање пет краци на улица „Кочо Рацин“ во населба Чашка со вкупна должина од 895 метри и одведување на собирните атмосферски води до постојните реципиенти, за што општината ќе добие финансиска поддршка од над 12,4 милиони денари.

-Овој проект е од особено значење затоа што 40 отсто од населението на оваа општина живее токму во овој дел од општината. Граѓаните освен пат, ќе добијат и заштита од атмосферската вода а со тоа и од можни поплави. Овие проекти се од клучно значење на граѓаните затоа што со нивната реализација, се обезбедуваат квалитетни услови за живот и се подобрува инфраструктурата, соопшти МЗШВ.

Преку средства од Програмата за рурален развој низ целата држава веќе се почнати со реализација 200 проекти во сите општини, за чија поддршка Владата обезбеди 38 милиони евра.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *