Атиџе Муратова на средба со децата од „Еразмус плус“

Доволно е да се каже Атиџе и речиси секој веќе ја знае. Едноставна, мила, скромна, која зрачи со добрина и позитивна енергија и многу животни мудрости. По сите оние светски филмски фестивали и холивудски гламур, нашата амбасадорка во светот, нашата меденка се врати дома, на својот секојдневен живот, на убавите мали, а за неа големи нешта.

Сега е зима, па времено се преселила во новата куќа во Дурфулија, која ѝ ја подарија нејзините пријатели од филмот, но вели дека едвај чека да дојде пролетта, па повторно да оди во својата стара куќа во Бекирлија за да биде со своите пчели и природата, за кои вели дека се нејзиниот живот.

Долго сакав да ја сретнам и да ја запознаам Атиџе и тоа и се случи на на 29 февруари 2020 година, на една манифестација во училиште во Лозово, на десетина минути оддалечено од Дурфулија.

Станува збор за ученичка шестдневна средба во рамките на програмата „Еразмус плус“, на која ученици од ООУ „Методија Митевски-Брицо“ од Лозово се домаќини на своите врсници и нивните ментори наставници од Португалија, Бугарија и од Грција. Другарчињата од Италија, кај кои тие сите заедно беа во јануари годинава, за жал, беа спречени да им ја возвратат посетата, поради состојбата со коронавирусот во оваа земја.

Атиџе со порака до децата: Сакајте ги пчелите, тие го одржуваат светот, сè што имате делете половина – половина

Кога со колешката Убавка влеговме во холот на училиштето нè пречека Светлана Стојкова, велешанка што долги години живее и работи во Лозово како професорка по француски во ова училиште, а е одговорна и за проектот „Еразмус плус“. Таа вторпат ни посакува добредојде во рамките на оваа програма оти веќе се запознавме со децата домаќини и гости кога пристигнаа на 26 февруари. Тогаш децата заедно изведоа незаборавна заедничка културно-музичка програма со поеми во стихови, песни и игри.

Но, овој пат поводот за нашата посета е средбата на децата со хероината Атиџе, за таа да им раскаже за документарниот филм „Медена земја“, за нејзиното детство и игри.

Во холот меѓу децата ја здогледувам Атиџе опкружена со многу деца. Оддалеку го гледам нејзиниот среќен израз додека децата ја прашуваат, а таа нешто им раскажува, потоа ги прегрнува, а и тие нејзе, и заедно се фотографираат за спомен.

Атиџе Муратова, хероината на „Медена земја“, им е гостинка на нивниот претпоследен ден од програмата на проектот „Еразмус плус“, во кој акцентот е ставен на сега подзаборавените детски игри од училишните дворови и улиците.

Нашата домаќинка, професорката Светлана, ја најавува и ја претставува пред гостите на македонски и мелодичен француски, затоа што ова е франкофонска средба. Додека на големиот екран се емитуваат делови од „Медена земја“ и некои веќе снимени прилози за неа и филмот, нашата Атиџе на децата им раскажува за своето детство и игрите од нејзино време, упатувајќи им пораки за животот.

За да бидат здрави, им порача секое утро да јадат по едно лажиче мед со лимон, да се дружат со пчелите, бидејќи тие го одржуваат светот, апред се, секогаш кога се во друштво со секого сè да делат половина, по нејзиниот пример со пчелите – половина за неа, половина за пчелите.

Детските приказни на Атиџе: Сè делевме и убаво живеевме

– Кога бевме деца во селото немавме ни светло ни пат, но имавме убав живот. Во селото бевме Турци, Власи, Албанци и покрај нив јас научив и влашки, и албански, и македонски. Родителите не можеа да ни купат играчки, па ние игравме со кукли што сами си ги правевме од дрво, волница и партали. Тоа за нас беше голема среќа. Многу ги сакавме и игравме со нив. Игравме и со оревчиња, и сите наши игри беа многу убави, се присетува Атиџе.

По дрвјата кога имаше круши, јаболка, ние не смеевме да скинеме без да прашаме, па кога ќе ни дозволеа, киневме и среќни јадевме, вели Атиџе.

На децата им раскажуваше дека со нетрпение очекувале да дојдат празниците Ѓурѓовден, Бајрам и да се променат со нови алишта, а родителите, што ќе им купеле, тоа носеле, што ќе им дале за јадење, си го делеле и биле среќни, задоволни и убаво живееле.

Тогаш тие имале строги правила. Како пример посочи дека во тоа време било многу непристојно девојчињата да пијат кафе, па таа кафе прв пат се напила дури на 21 година. Брат ѝ не ѝ дозволувал ни да се шминка. Еднаш кога идејќи кон Велес ставила малку крем и руменило, ја натерал и таа веднаш се измила.

За пораките од филмот

Атиџе на децата им раскажуваше дека кога имала тешки моменти во животот со мајка ѝ, си велела дај боже некој да ѝ ја отвори вратата, па да ѝ го олесни животот.

Тогаш кај неа се појавила една филмска екипа и таа ја прифатила понудата да им ја раскажае нејзината приказна. Тие ја прашале што сака за возврат, а таа им одговорила една чаша вода и дека ќе биде задоволна.

Така започнала приказната за „Медена земја“ која првично било замислено да трае шест месеци, а продолжила три години.

– Си реков, ќе одам напред и назад веќе не се враќам, се присетува Атиџе, а децата сите заедно силно ѝ ракоплескаа, на што таа им се насмевнуваше.

– Ако нема половина – половина, нема да има и за пчелите, затоа што и тие треба да јадат мед, а не како што некои пчелари им ставаат шеќер. Но и ние луѓето сè така треба да делиме. На сите деца им порачувам да бидат со своите родители, а како што бев јас и со татко ми и со мајка ми кога остаре, бидејќи тие се грижеле за нас и ние така треба да бидеме со нив и да се грижиме за нив, им порача Атиџе на децата.

Бидејќи ова беше интергенерациска средба, нејзината внука Едина Муратова, осмоодделенка во ова училиште, излезе на сцената и на убав француски на своите другарчиња од училиштето и гостите од Португалија, Бугарија и од Грција им ја раскажа играта на која ја научила нејзината тетка Атиџе.

Таа им кажа дека во училиште тие учеле и пееле, а потоа им запеа и една песна за пчелите од нејзиното детство. „К’а нинда даниде алтан – јас сум многу работна пчела собирам мед жолт како злато…“ Многу ја сакала математиката па им порача да ја учат како и другите предмети, особено јазиците. Самата таа  освен својот мајчин турски јазик, научила и влашки, албански и македонски јазик.

– Тогаш прачката играше, сега нема прачка, нема школа, вели Атиџе, а децата се насмевнаа и ѝ ракоплескаа.

Изразувајќи го своето задоволство од дружбата со децата, таа им посака да учат за да имаат многу успеси во школувањето. За крај им ја запеа на убав македонски песната: „Чекор по чекор јас чекорам покрај река Брегалница“.

Во разговорот што следеше потоа за медиумите Атиџе со порака до родителите што повеќе да ги носат децата во природа и на планина, затоа што тоа е здраво за нивниот развој, да не трчаат само по работа, туку да наоѓаат повеќе време за своите деца и да ги учат на вистинските вредности. Воедно, подвлече и дека природата треба најмногу да се чува и заштитува, бидејќи, ако се чува, ќе има и повеќе пчели, кои освен заради медот, се корисни и за природата.

– Родителите се тие што ги изведуваат децата на прав пат и што треба да ги оттргнат од лошите патишта. Но и децата треба да ги почитуваат родителите и да се грижат за нив кога ќе остарат, порача Атиџе.

Екипата и Атиџе размислуваат за второ продолжение на „Медена земја“

На новинарско прашање Атиџе ни одговари дека филмската екипа и таа размислуваат за второ продолжение, но сè уште ништо конкретно не решиле. Досега, вели, од филмот не зела ниту денар, само ја добила куќата во Дарфулија, која сè уште не е целосно средена.

Планира ако повторно снима документарен филм, да си направи и договор за потоа да нема проблеми.

Второто продолжение на филмот би сакала да биде за нејзината љубов кон изведување песни и за нови средби со децата од училиштата.

Атиџе задолжителна лектира во живо

Понесени од впечатоците од средбата со Атиџе се наметна идејата таа да стане задолжителна лектира во живо за учениците и од други училишта каде на средби преку своето искуство би ги подучувала за важноста од зачувување на природата, за пчелите и медот.

Теа, мојата внука, која е третоодделенка во ООУ „Блаже Конески“ во Велес, дознала дека сум се сретнала со Атиџе, па ми шепна на уво: „Тето, те молам, речи ѝ на Атиџе да дојде во нашето училиште.“

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *