Проектот „СЕГА“ наш официјален претставник на Меѓунардоната изложба на архитектурата во Венеција

Министерството за култура информира дека Комисијата во состав:  Трајче Блажевски, Имер Бајрами, Џемил Бектович, Агрон Салиу и Александар Андовски, ги разгледа пристигнатите пријави на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на меѓународната дејност за учество на Република С. Македонија на 17-тата Интернационална изложба на архитектурата во Венеција и одлучи национален претставник на нашата држава оваа година да биде проектот на проектантското биро „Бина архитектура ДООЕЛ“ насловен „СЕГА“ од авторот Бекир Адеми со група коавтори: Ана Рафаиловска, Јордан Шишовски, Амине Адеми, Енис Абовски, Енес Север, Дрен Невзати, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Елмедина Хасани, Нита Чавoли, Аида Бакали Салиху, Ивана Чаловска.

Комесар на проектот е Дита Старова-Ќерими, директор на Националната галерија на Република С. Македонија, куратори се Бекир Адеми и Јордан Шишовски, а соработници на проектот се проф.д-р. Ферид Мухиќ и Рамуш Муарем.

Во пропишаниот рок на Конкурсот, во Министерството за култура пристигнаа 2 пријави и тоа за: проектот на Друштвото за проектирање, инженеринг и услуги „Бина архитектура ДООЕЛ“ претставувано од архитектот Бекир Адеми предложен од Националната галерија на Република С. Македонија и проектот на Благоја Бајковски.

При увидот во пријавите, Комисијата утврди дека проектот на Благоја Бајковски не ги исполнува условите пропишани во Конкурсот, односно дека на Конкурсот право на учество имаат правни лица, односно установи од областа на културата (национални, локални, приватни), здруженија, сојузи, асоцијации и други субјекти регистрирани за вршење на дејност од областа на културата/архитектурата. Токму затоа, проектот на Бајковски не беше земен предвид во натамошниот процес на разгледување и одлучување.

Комисијата при разгледувањето на проектите работеше согласно со јасно и прецизно утврдените приоритети, критериуми, услови и доставената задолжителна документација наведена во Пријавата која што е составен дел од Конкурсот. Ставот на Комисијата беше да се поддржи издржан и добро аргументиран проект кој соодветствува со зададената тема на Биеналето, квалитетна и стручна екипа од областа, вклучена во проектот.

Избраниот проект „СЕГА“ е симболична претстава на еден отсечок од мноштвото и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот. Сето ова концептуално открива два аспекти на просторно-временското суштествување, потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината. Концептот се материјализира во дрвена композиција составена од дрвени елементи меѓусебно поврзани во една единствена хармонична просторна структура, архепитизирана рамка, асоцијација на куќа, дом и засолниште. Тимот кој ќе го подготви павилјонот е сочинет од архитекти, инженери, графички дизајнери и уметници со различна професионална специјализација и лица со различна етничка провениенција, кои ќе го претставуваат мултиетничкиот карактер на Република С. Македонија.

Интернационалната изложба на архитектурата во Венеција оваа година ќе се реализира во периодот од 23 мај до 29 ноември и носечка тема е „Како ќе живееме заедно“. Куратор на годинашното издание на Биеналето е Хашим Саркис, архитект и експерт на Универзитетот МИТ во САД.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *