Трипуновски: Граѓаните половина година не знаеле дали јадат ГМО или безбедна храна

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска обвини дека Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) речиси половина година не вршела никаква проверка на безбедноста на храната и дека граѓаните не знаеле дали можеби јадат месо со антибиотици и тешки метали, млеко со афлатоксини, јајца со органофосфорни соединенија или генетски модифицирани организми.

Трипуновски го повика Јавното обвинителство да отвори истрага и да утврди дали во периодот од 05.06 до 11.11.2019, кога според него, не се вршел мониторинг, имало штета врз здравјето на граѓаните. Притоа, тој го впери прстот за одговорноста директно во тогашниот премиер Зоран Заев и во директорот на АХВ, Зоран Атанасов.

– Зоран Заев, Зоран Атанасов и СДСМ скоро половина година го загрозувале здравјето на граѓаните. АХВ не вршела никаква проверка на безбедноста на храната. Граѓаните консумирале храна која можеби била целосно небезбедна. Од 05.06 до 11.11.2019 или повеќе од пет месеци АХВ не спроведувала мониторинг според Законот за безбедност на храна. Во овој период, скоро половина година, никој во државата не знаел каква храна јадат граѓаните, дали месото е со антибиотици и тешки метали, дали млекото е со афлатоксини, антибиотици и лош квалитет, дали јајцата биле третирани со органофосфорни соединенија или имало можно присуство на генетски модифицирани организми, односно биолошки контаминирана храна, рече Трипуновски на прес-конференција во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Тој покажа и документи од, како што истакна, договори кои го докажуваат пропустот.

– Ова е катастрофална негрижа за безбедноста на храната и здравјето на граѓаните. Заев и Атанасов мора да одговараат за ваквата негрижа. Скоро половина година АХВ немала склучено договори со Факултетот за ветеринарна медицина за мониторинг на присуство на резидуи и недозволени супстанци кај живи животни, производи и производи од животинско потекло, за мониторинг на микробиолошки критериуми, за безбедност и хигиенска исправност на храната од животинско потекло, за мониторинг на критериумите за сурово млеко кај молзни грла и мониторинг на антимикробна активност, мониторинг на квалитет на храна од животинско потекло, безбедност на храна за животни и безбедноста на нус производи од животинско потекло. Го повикувам Јавното обвинителство да отвори истрага и да утврди дали во наведениот период имало штета по здравјето на граѓаните. Ваквата неодговорност и негрижа ќе биде казнета по 12 април, напомена дополнителниот заменик-министер Трипуновски.