Се наоѓаме во средина на зимата, но недостигот на врнежи ја „суши“ акумулацијата „Дебарско Езеро“, каде што се наоѓа Хидроелектраната „Шпилје“. Нивото на езерото се намалува, па на сонце излегоа земјени делови што обично се под вода. За разлика од оваа, акумулацијата „Глобочица“ секогаш е на оптимална работна вредност. Двете хидроелектрани го сочинуваат Хидроенергетскиот систем „Црн Дрим“.
Сушниот период присутен подолг период на дебарското сливно подрачје, кое ги опфаќа реките Радика и Црн Дрим и нивните притоки, услови намален доток на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“. Тука секако намалениот доток на вода од Радика, што од почетокот на годинава во просек изнесува 14 кубни метри вода во секунда. Во исто време во акумулацијата се влеваат во просек и по 5 кубни метри вода во секунда преку Дрим, односно акумулацијата „Глобочица“.
– Периодот декември – февруари се вбројува во шесте најсушни периоди во овој дел од годината во педесетгодишното работење на Хидроелектраната „Шпилје“. Максималната кота на акумулацијата е 580 метри, а моментно нивото е на 568,65 метри, вели Гоце Божиновски, одговорен за прозводство во ХЕ „Шпилје“.
Додава дека од почетокот на годинава досега во „Шпилје“ се прозведени околу 25 милиони киловат-часови електрична енергија, што е 57 отсто од планираното прозводство за овој период.
– Оствареното производство е речиси на истото ниво како и истиот период минатата година, кога исто така владееше неповолна хидрологија. Акумулираната енергија во акумулацијата е 14,6 милиони киловат-часови. Годишното производство е проектирано на 292 милиони киловат-часови електрична енергија. Минатата година беа произведени 172,9 милиони киловат-часови електрична енергија, што беше остварување на годишниот план на производство за 64,17 отсто. Споредено со претходната година, пак, кога имавме поволна хидрологија, беа произведени 366,7 милиони, додава Божиноски.
Доколку нема поголеми врнежи од снег на планините или, како што велат стручните лица, над пет метри снег, или обилни дождови, повеќе од јасно е дека планираното годишно производство нема да биде реализирано.
ХЕ „Шпилје“ е дел од подружницата Хидроенергетски систем „Црн Дрим“ заедно со ХЕ „Глобочица“, кој во вкупното производство на хидроенергија во ЕСМ учествува со повеќе од 40 отсто.
– Хидроелектраната „Шпилје“ е прибранска – акумулациска електрана со инсталирана моќност од 84 мегавати. Машинската зграда се наоѓа околу 70 метри од низводната ножица на браната. Во зградата се сместени три агрегати опремени со францис-турбини со вертикална оска, поставени на кота 485,75 метри надморска висина, како и со трофазни синхрони генератори. Трансформаторите се сместени надвор од машинската зграда. Има акумулација со волумен 506.000.000 кубни метри вода и корисен волумен е 218.000.000 кубни метри вода. Нормалното проектирано ниво на акумулацијата е 580 метри, а минималното е 560 метри, посочува тој.
Со пуштањето во работа на 4 ноември 1969 година, оваа хидроелектрана стана значаен извор на електрична енергија во македонскиот електроенергетски систем, која во петдеценискиот период испорачала повеќе од 13.600 гигават-часови електрична енергија. Максимално рекордно производство на струја е забележано во 2010 година, кога беа произведени околу 520 милиони киловат-часови електрична енергија.
За разлика од оваа, акумулацијата „Глобочица“, во која се влева вода од Охридско Езеро и од локални речни притоки, секогаш е на оптимална работна вредност. Максималната кота на акумулацијата е 687,42 метри. Таа никогаш не била пониска од 682 метри.
– Моментно нивото на езерото е на 686 метри, а акумулираната енергија е 20 милиони киловат-часови. Во изминатиот период од годинава во оваа ХЕ се произведени над 20 милиони киловат-часови електрична енергија, што е 60 отсто од планираното за овој период од годинава. Споредено со лани истиот период тоа е речиси на исто ниво. Лани оствареното производство на годишно ниво беше 112,6 милиони киловат-часови, што е остварување на планот за 61,8 отсто. Претходната, 2018 година, се произведени над 230 милиони киловат-часови, што е 53 отсто над планираното и речиси 2,5 пати повеќе од произведеното во 2017 година, вели Тони Марковски, раководител на службата за производство на ХЕС „Црн Дрим“.
ХЕ „Глобочица”, која е деривациска електрана што го затвора тесниот профил на реката Црн Дрим, со својата акумулација врши неделно израмнување на дијаграмот на потрошувачка. Има камено-насипна брана со висина од 94,5 м. Хидроелектраната „Глобочица” е проектирана и изведена со инсталирана моќност од 42 мегавати и годишно производство од 191 милион киловат-часови.
Додава дека од досегашното работно искуство и оперативните работни режими ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“ во споредба со останатите хидроелектрани во Република Северна Македонија се со највисок просечен годишен дотек на вода, во однос на инсталираниот протек. Тоа покажува дека остваруваат голем број работни часови во годината, односно поголемиот период работат како базни хидроелектрани.
Инаку, со навреме и успешно реализираните ремонти и ревизии на електромашинската опрема, двете електрани се подготвени да ја примат и да ја преработат количината вода што ќе пристигне и да работат под полн капацитет.