Изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за грчката ТВ Скај дека сме земја без име, е дадена во позитивен контекс и се однесува на актуелната состојба со употребата на привремената референца за државата во меѓународните организации, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
– Изјавата на Ахмети беше дадена во позитивен контекс во смисла дека Република Македонија во меѓународните институции реално е признаена под референцата ПЈРМ ,што ниту е желба на граѓаните, ниту е прифатена од граѓаните, ниту е постојано решение. Едноставно во меѓународните институции имаме некое привремено решение, односно немаме име. Господинот Ахмети реферира дека преговорите се однесуваат на решавање на тој спор и замена на референцата со име кое ќе биде трајно. Привремени решенија не даваат добри сигнали за самата држава. Нам ни требаат трајни решенија за трајна држава, рече вицепремиерот Османи на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод презентацијата на анализата на Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан.
Според него, ДУИ има конструктивна улога во целиот процес. Вклучена е целосно во процесот и градењето на став по ова прашање, а Ахмети е дел од лидерските средби и е во постојана комуникација со премиерот Заев по ова прашање.
– Можеби имаме разлики по ова прашање, но немаме какви било недоразбирања или желби за попречување на процесот, туку тоа се конструктивни разлики, идеи и совети кои се обидуваат да помогнат на процесот, вели Османи.
Тој додава дека Ахмети е долго во овој процес и е запознат со ставовите на сите партии и со сите моменти, така што според него, неговите совети се многу важни и се препознаени и од Нимиц и од политичките фактори во Македонија.
Запрашан дали постојат разлики меѓу членовите на владината коалиција со оглед дека Ахмети смета дека се можни уставни промени, а премиерот Заев јавно изјави дека тие се направени веќе во 1993 година и не се потребни нови промени, рече дека сега не е време да се отвораат овие прашања, туку потребно е анализирање на целата општествена, политичка енергија во наоѓање на решение кое ќе биде прифатливо.
– Сметам дека прашањето е премногу комлексно за да може се одеднаш да решиме. Сега разговараме за заеднички прифтливо решение како тоа ќе се верификува во државата и надвор од државата, а потоа ќе одлучуваме за другите работи, рече Османи.
Тој додаде дека за прашањето за името неможе да има парцијално решение, туку мора да биде едно и единствено решение прифатливо за двете држави без можност потоа за блокирање од страна на Грција.
Во однос на тоа колку е можно испорачување на реформи во случај на блокада на Парламентот, Османи нагласи дека покрај Владата одговорност за нивното спроведување има и опозицијата.
– Опозицијата има значителна одговорност кон овој процес и може значително да го успори ако така реши. Меѓутоа за тоа ќе треба да даде одговор пред својот електорат, пред граѓаните, во услови на историска година и историска можност за државата и регионот. Ние сме отворени за соработка. Нивна одлука е како ќе се однесуваат, рече Османи.
Според него, сеуште има простор опозицијата да се вразуми по однос на Законот за употреба на јазиците, кој посочи е неповратен процес, а прекршување на постапката има и од страна на претседателот Иванов, бидејќи, како што рече, тој не е надлежен да оценува уставност на закон.