МД „Илинден“ бара извинување од Кристо Гоци

Македонското друштво „Илинден” со седиште во Тирана и неговиот огранок за Голо Брдо, најостро ја осудуваат изјавата на заменик-директорот на Комитетот за малцинства на Албанија и претставник на влашката етничка заедница, Кристо Гоци кој на својот профил на Фејсбук, Република Македонија ја именува со ФИРОМ.

– Македонско национално малцинство во Република Албанија е признато како македонско, со свој мајчин македонски јазик. Сметаме дека напишаното од страна на Гоци е крајно недолично и неодговорно и претставува груба навреда на достоинството на Македонците, стои во реакцијата на „Илинден“.

Друштвото бара од Гоци да им се извини на Македонците во Република Албанија.

Гоци на својот профил на фејсбук, пишува дека се подготвува нова организација, според Законот за малцинства, околу формирање Дирекција со посебни редакции на сите признати малцинства со законот, а тоа се: Грци, Срби, Црногорци, Власи, Македонци, Бошњаци и Роми. Станува збор за нова организација на редакциите на етничките заедници при Албанската државна телевизија на чиј втор канал од крајот на септември минатата година се емитуваат програми на јазиците на малцинствата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *