Трите починатите во несреќата што се случи денеска во Романовце се деца, потврдија и од кумановската болница и селаните од Романовце. Ваква трагедија, жителите на кумановско Романовце не паметат со голем број на жртви и повредени од едно семејство. Според првичните податоци на СВР Куманово, несреќата се случила по експлозија на плинска боца во семеен дом на Ш.А.
-Засега ништо не можам да кажам за здравствената состојба за седумте лица пренесени во Клиничкиот центар во Скопје, рече заменик министерот, одговарајќи на новинарски прашања.
Претседателот на месната заедница, Таџедин Есапи, жали за трагедијата што се случи во нивното село во кое починаа три малолетни деца
-Сите сме во жалост. Ваква трагедија немало во селото. Ми се јави кумановскиот градоначалник кој изрази сочуство и изрази подготвеност да му се помогне на семејството, вели Есапи.
Командирот на смена од кумановската противпожарна единица, Видан Трајковски, рече дека кај нив пожарот бил пријавен во 10.10 часот.
-По прием на дојавата, изглевме на терен со едно возило и четири пожарникари. Интервениравме на пожар во семеен дом. Пожарот е настанат од експлозија на плинска боца во просторијата имаше повеќе повредени и ние имаме информации дека три деца се починати, изјави Трајковски.
Пожарот целосно е ставен под контрола, односно е изгаснат.
Директорката на кумановската болница Снежана Захариева рече дека три починати лица се деца и седум биле повредени.
-Се направи тријажа, беа однесени во скопските клиники. Од мое лично име и од име на болницата изразувам длабоко сочуство до семејството, изјави Захариева, додавајќи дека меѓу повредените има и бремена жена.
Доктор Зоран Стојковски исто така потвврди дека во страшната трагедија тројцата починати се деца.
-Некои во критична состојба. Сите по пружената првична реанимација се препратени во терцијална установа, вели Стојковски за повредените.
Од кумановската болница додаваат дека ваков тип на сериозна несреќа во едно семејство немало со години.