Чолош: Со валкана изборна кампања, губитници ќе бидат и граѓаните и државата

Независно од резултатите од изборите на С. Македонија ќе и треба силно мнозинство во Собранието, за да ги спроведе реформите кои се потребни и за народот, но и со цел да успее во процесот на пристапување во Европската Унија, изјави денеска лидерот на парламентарната група Обновена Европа во Европскиот парламент, Дачијан Чолош на заедничка прес-конференција со премиерот Оливер Спасовски.

– Ако реторикаta отиде во валкана насока, губитници ќе бидат граѓаните на С. Македонија, но и самата држава. Затоа сметаме дека е важно и медиумите да создадат атмосфера и рамка за една дебата за тоа што политичарите и политичките партии сакаат за Северна Македонија во иднина, истакна Чолош одговарајќи на новинарско прашање околу текот на изборната кампања.

Европратеникот Чолош нагласи дека токму затоа се инсистира реториката за време на изборната кампања да се одржува во рамки кои ќе овозможат отворање на вратите за соработка меѓу партиите по изборите.

– Единствените резултати што можеме да ги добиеме со валкана реторика е да ги оставиме луѓе да останат дома и да не излезат на гласање. Без политичко мнозинство, без легитимитет од народот, без голема излезеност, мнозинството во Парламентот ќе биде помало и не ќе може да се спроведуваат реформите, додаде Чолош.

Тој нагласи дека на С. Македонија и се потребни реформи и ако некои политички субјекти ја користат кампањата само за да напаѓаат без да нудат конкретни решенија, тогаш губитници ќе бидат сите, вклучително и ЕУ.

– Јас како Романец и пратеник во Европскиот парламент ја сматам С. Македонија како партнер, затоа што ако зборуваме искрено, културно и во географска смисла, вие сте Европејци. Единствено што треба да го направиме сега, е да ги зближиме нашите визии за да работиме заедно, истакна Чилош.

Премиерот Спасовски од своја страна истакна дека Владата ќе спроведе фер и демократски избори, односно ќе создаде вистински амбиент да можат институциите да функционираат нормално и да се создаде атмосфера граѓаните да донесат слободни одлуки.

Одговарајќи на прашањето за очекувањата од изборната кампања, Спасовски истакна дека дали таа ќе биде валкана ќе зависи од политичките субјектите што учествуваат во изборниот процес.

– Мислам дека одредени политички субјекти се уште не разбраа дека луѓето ги сакаат позитивни работи. Сакаат да видат што е тоа што вие ќе им го понудите на нив. Каков развој и просперитет, каква надеж нудите за државата, кои се тие приоритети кои што се од интерес на граѓаните, рече Спасовски.

Тој порача дека сите политички партии треба да се издигнат на висината на сопствената одговорност во изборниот процес и да покажат нов начин на водење на изборната кампања со вредности прифатливи за граѓаните.

– Напредокот и иднината на државата, давањето надеж на граѓаните е многу поважно, отколку враќање назад на она за што ние добро сведочевме во време на заробената држава, нагласи Спасовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *