Во Куманово денеска беа одбележани 74 години од загинувањето на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош.
Делегации од Здружението на борците од НОБ, општина Куманово, Советот на општината, АРМ, Кумановскиот музеј, Здружението на армиски и полициски ветерани, граѓански здруженија, институции и установи кои го носат името на Карпош, положија цвеќе пред бистата на народниот херој во Спомен-куќата во Куманово.
Секретарот на локалната организација на борците и поддржувачите на НОБ Благе Јакимовски рече дека Куманово се гордее што токму овде е роден народниот херој и ги повика генерациите да не ги заборават придобивките од минатото, кои се значајни за формирањето на државата.
Народниот херој е роден во 1921 година во Куманово, бил убиен на денешен ден во 1944 година од страна на бугарскиот окупатор за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште кај селото Билјача, Прешевско.
Историчарот во Кумановскиот музеј Марија Живачки рече дека Христијан Тодоровски-Карпош е еден од осумте народни херои од Кумановско кои ги дале своите животи на текот на Народноослободителната војна.
– Тој бил член на Козјачкиот партизански одред и на 12 октомври го означува почетокот на востанието. Карпош бил и командант на „Јордан Николов-Орце“ во 1943 година, потсети Живачка.
Спомен-куќата на народниот херој наскоро комплетно ќе се реновира.