Податоците за јавниот долг отворени за јавноста, презентирана нова алатка за транспареност

Податоците за тоа колку изнесува јавниот долг од денеска се достапни на јавноста преку новата алатка што ја презентираше министерката за финансии Нина Ангеловска. Преку новата алатка ќе се има увид во тоа колку изнесува јавниот долг како процент од БДП, како апсолутен износ, на што се должи зголемувањето, потоа податоци за движењето на долгот низ годините, финансирање на јавниот долг за 2020 година, податоци за издавање на државни хартии од вредност, како и едукативен дел.

На страницата се достапни податоци за средствата кои ќе се повлекуваат на домашниот и странскиот пазар во текот на 2020 година, но и податок дека треба дома и во странство да се отплатат стари долгови во износ од над 700 милиони евра.

Дадени се податоци од сите досега издадени еврообврзници со сума и каматна стапка, како и кога доспеваат за отплата.

Ако кликнеме на отплатите на еврообврзниците ги имаме сите обврзници како што доспеале или доспеваат за наплата. Годинава, во 2021, 2023 и 2025 година доспеваат за отплата еврообврзници во вкупна вредност од една милијарда и 628 милиони евра, рече Ангеловска, која додаде дека планираната еврообврзница од 500 милиони евра нема да се издаде до изборите и дека се следат состојбите на меѓународниот пазар.

Како што рече министерката, ова е нова алатка за транспарентност и надоградување на веќе претставената платформа за отворени финансии и дека јавноста теба да ги има сите информации за да направи целосна слика за нештата.

Податоците, оцени Ангеловска, се покажани на едноставен и разбирлив начин за пошироката јавност, а содржат освен податоци за јавниот долг и за долг на општините, јавните претпријатија, трговски друштва во доманинтна сопственост на државата или општините.

Според податоците презентирани денеска, на крајот на 2019 година јавниот долг изнесуваше 48,9 отсто од БДП, или 5.540,9 милиони евра. Проекцијата за годинава е дека тој ќе биде 50,4 проценти, односно шест милијарди што е предвидено со Фискалната стратегија 2020-2022 година.

Ангеловска посочи дека во последните три години долгот се стабилизира. За разлика од периодот од 2006 до 2016 година кога бил зголемен за 23 проценти и имал силна стапка на раст, во последните три години линијата на раст е речиси права.

-Не може да очекуваме дека јавниот долг треба да се намали и тоа да го нарекуваме стабилизирање во момент кога ние водиме развојна политика и експанзивна фискална политика, кога треба да финансираме големи инфраструктурни проекти и кога нашата земја треба да се развива и расте. Буџетот е скроен со дефицит кој изнесува околу 283 милиони евра и тој дефицит треба да се финансира. Тоа е разликата помеѓу приходите и расходите. Во моментот ги користиме најдобрите услови историски што постојат за рефинансирање на старите долгови и благодарение на тоа и благодарение на прудентната политика за менаџирање на јавниот долг, благодарение на порационалната страна на расходна и распределување на буџетските средства, може да забележиме дека имаме и намалување на непродуктивните трошења оваа година, рече министерката.

Според неа, растот на долгот е оправдано само ако квалитетно се зголемува, односно ако овие средства што се инвестираат дадат фискална мултипликација.

– Во некои години ако се погледне зголемувањето на јавниот долг не само што не дал позитивна фискална мултипликација, туку дури и негативно влијаел, рече Ангеловска.

Министерката оцени дека новата платформа е чекор напред во борба против лажните вести кои се злоупотребуваат за политичко поентирање. 

Платформата е достапна на македонски, англиски и албански јазик, а податоците ќе бидат обновувани на месечно и тримесечно ниво.