Прилепската стара чаршија, споменик на културата, ќе се реконструира за да се зачува нејзиниот автентичен лик, но и да се уреди инфраструктурно. Тоа е еден од поголемите проекти на прилепската локална самоуправа. Токму затоа, градските власти се сретнаа со дуќанџиите за да ги слушнат и нивните предлози.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски и одговорните на јавните претпријатија, од претпријатието за урбанистичко и просторно планирање и од прилепски водовод, на неформалната средба со сопствениците и со закупувачите на дуќаните, го претставија идејното решение за реконструкцијата на Старата чаршија, очекувајќи мислења, предлози и идеи од дуќанџиите за изнаоѓање на најдоброто решение.
Со проектот ќе бидат опфатени улиците „Републиканска“, на потегот од аптеката „Зегин“ во центарот на Прилеп до раскрсницата со „Борка Талески“ и дел од улицата „Херој Карпош“.
Според Јованоски со реконструкцијата на Старата чаршија, постојните травертински плочи ќе бидат заменети со гранитни плочи, сите жици и кабли од кабловските оператори ќе бидат сместени во подземни инсталации, фекалната канализација ќе биде комплетно реконструирана, а ќе се изгради и нова атмосферска канализација. Согласно со идејниот проект, по завршувањето на реконструкцијата, нема да се дозволи повторно монтирање на постојните застаклени делови од кафетериите.
Освен тоа, прилепски водовод ќе направи бесплатна замена на постојната водоводна мрежа, стара преку 70 години, за зголемување на безбедноста на објектите ќе се постави видео надзор, а значително ќе се подобри и осветлувањето.
-Во зависност од временските услови, комплетната реконструкција ќе заврши за 75 до 90 дена, а за целото време на изведувањето на работите, дуќанџиите и купувачите ќе имаат пристап до дуќаните, нагласува Јованоски.
Според предлозите на дуќанџиите, на нивно барање, договорено е реконструкцијата да почне на крајот на август или во почетокот на септември годинава. Тие побараа од градоначалникот да биде направен добар оперативен план, да инсистира градежните работи да се одвиваат ефикасно и да се запази планираниот рок на изведбата за да не им се нанесе штета во нивното функционирање.
Се бара решение преку предлози за да се реши прашањето со паркирањето на возилата и за одржувањето на хигиената во чаршијата и како да се подобри пристапноста до дуќаните.
Јованоски го прифати предлогот, со дозвола од прилепскиот „Завод и Музеј“, да се реновираат и да се унифицираат фасадите на дуќаните.
Пред почетокот на работите за обновата на Старата прилепска чаршија градските власти и дуќанџиите ќе имаат средба за соодветно да се следат активностите.