Амбасадорот м-р Мартин Треневски – новинар, државник и дипломат

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ЛИЧНОСТИ ОД МАКЕДОНИЈА 

М-р Мартин Треневски е еден од припадниците на новинарската фела кој започнал да работи како новинар и достигна до министерско место, за на крајот од кариерата да заврши како амбасадор. Тој е еден од активистите на ВМРО-ДМПНЕ, учесник на бројни иселенички манифестации, средби и разговори. Тој како амбасадор на Република Македонија во повеќе држави постигна завидни резултати во дипломатијата

Треневски е виден Македонец кој остави траги како дописник на ТАНЈУГ во Австралија, афирмирајќи го македонското иселеништво на петтиот континент. Како министер на Министерството за иселеништво и поранешен амбасадор на Република Македонија во Шведска, Норвешка, Финска, Естонија и НАТОи генерален конзул во Канада, секогаш беше на страната на вистината и поврзаноста на македонските иселеници од сите делови на Македонија со дедовската земја Македонија.

Мартин Треневски е роден во 1949 година во Скопје, а неговите корени се од селата Кленоец и Извор во кичевскиот крај, од кај изворите на реката Треска. Тој потекнува од македонско христијанско семејство, кое по Втората светска војна се преселило во Скопје. Неговиот татко Злате Треневски бил првоборец од 1941 година и еден од Народно ослободителното движење во Кичевско.. Бил делегат на Второто заседание на АВНОЈ и делегат на Првото заседание на АСНОМ. Злате бил на повеќе раководни државни функции. Тој бил еден од видните службени лица кој бил на страната на вистината на Република Македонија и кој целиот свој живот ги бранел интересите на македонскиот народ кој постојано бил на удар од негативните влијанија на соседските непријатели.

m.trenevski2

Старо Скопје

Мартин Треневски своето образование го започнал во центарот на Скопје, каде го завршил основното, средното и факултетското образование. На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, дипломирал на Филолошкиот факултет, група англиски јазик и литература, од кога и започнало пријателството со авторот на овие редови, Славе Катин. На Иститутот за социолошки и правно-политички истражувања посетувал постдипломатски студии по масовни комуникации и информирање и се стекнал со академскиот степен -магистер по политички науки.

Новинарската кариера ја започнал во Скопје, каде се јавувал со свои текстови во поголем број дневни, неделни и месечни информативни гласила, со посебна нагласка на агенциското информирање. Така и се вработил во дописништвото на тогашен ТАНЈУГ во кој го постигнал врвот во новинарството. Имено, поради неговото познавање на прашањата и приликите во иселеништвото, кое му било негова преокупација со Македонците во светот, во 1986 година  бил именуван за дописник на ТАНЈУГ во Австралија и  целиот Јужен Пацифик.

Покрај секојдневните дописнички обврски Марти Треневски активно се вклучил во македонската заедница во Сиднеј, со цел да ја афирмира на тогашните југословенски простори. На тие демократски простори ја започнал и својата истражувачка дејност за историскиот развој на македонското иселеништво во Австралија, како и со истражување на пишувањето на печатот во Австралија.

Тоа ќе биде една од неговите главни преокупации, за што тој и ја подготви книгата под наслов „Илинденското востание 1903 година во Австралија“. Ова е дело на Издавачката куќа  „Матица македонска“, Скопје, 1989 година, за потоа во 2007 година „Македонска искра“ од Скопје да ја издаде на англиски јазик.

Инаку,  Илинденското востание и периодот што му претходи и што следи по него спаѓаат меѓу најзначајните настани и периоди од подалечното и поблиското минато на македонскиот народ. Илинденската епопеја претставува своевидна кулминација во вековните стремежи на македонскиот народ за национална слобода и за создавање на сопствена држава на Балканот. Ваквиот стремеж го достигнува во текот на Народноослободителната борба, кога конечно, на дел од етничката територија на Македонија, е создадена првата национална држава на Македонците по Самуил.

Преку, Илинденското востание, по Младотурската револуција, Балканските војни и Првата светска војна се од огромно значење за процесите за националната историја на македонскиот народ. Во исто време ова прашање ќе се најде во печатот на Австралија, кое ќе биде предмет на истражување на Мартин Треневски.

Во книгата „Илинденското востание 1903 година во Австралија“ од Мартин Треневски се обработени условите во коишто се одвивало информирањето во 1903 година во Австралија и непосредните носители на информирањето. Притоа, посебна нагласка е дадено на пишувањето на австралиските весниците кои пишувале за Илинденското востание, како што беа мелбурнски „Ди Еиџ“, пишувањето на „Дејли телеграф“, „Сидни меил“ и други гласила.

Книгата „Илинденското востание 1903 година во Австралија“(The 1903 Ilinden Uprising in the Australian Press) е отпечатена и на англиски и на македонски јазик. Воведот е подготвен од поранешниот премиер на Владата на Република Македонија, академик Никола Кљусев. Тој во воведот вели дека Мартин Треневски како познат новинар, публицист, државник и дипломат го посветил своето знаење и можности да го истражува историскиот развој на едно од најзначајните случувања на Македонија во австралискиот печат. Предмет на неговото проучување е прашањето – Како печатот во Австралија го следи Илинденското востание 1903 година, и известува за интензитетот и реакциите на австралиската политика и пошироката јавност во австралиските печатени медиуми околу овој извонредно значаен настан.

Мартин Треневски настојува во истражувањата да одговори на прашањето: Колкав бил интензитетот на информирањето, односно пишувањето на австралиските весници за Илинденското востание 1903 година, каков бил квалитетот на информирањето и ефектите од објавувањето на печатени прилози за илинденските настани врз австралиската политичка и поширока јавност.

М-р Мартин Треневски повеќе од дваесет години се занимаваше со новинарство и публицистика, и е автор на десетина фељтони. Во својата кариера пишувал за многу весници, списанија, радио и ТВ-станици во земјата и странство, а три години бил регионален агенциски дописник. Тој е и автор на книгата „Непознатата јужна земја -разгледница од Австралија“, во која презентира избор на текстови за Австралија, за македонските и другите балкански заедници на петтиот континент и Јужниот Пацифик.

Со конституирањето на Република Македонија како самостојна држава на 20 септември 1990 година, Мартин Треневски беше именуван за министер во Министерството за информации на првата влада на Република Македонија. Во тој период на ново почетно информирање во државата Треневски и неговите соработници имаа многу одговорна должност во следењето и насоките кон информативните гласила. Во тој период тој како државник имаше патувања и посета на иселенички организации и информативни гласила.

m.trenevski3  m.trenevski4

Скопје денес

На 29 декември 1998 година со двотретинско мнозинство во Собранието на Република Македонија беше формирано Министерството за иселеништво, со што активностите на Матицата на иселениците од Македонија преминаа во надлежност на ова ново министерство.

Според овој закон Министерството за иселеништво продолжи да ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците: да го помага нивниот културен развој и да ги унапредува врските со нив и нивните организации: да се грижи за постојано запознавање со состојбите во Македонија: да презема активности за создавање на услови за вклучување на иселениците во политичкиот живот на државата, да има плодна соработка со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, особено да има соработка со македонските православни општини, цркви и манастирите во дијаспората и да врши и други дејности определени со закон.

Неколку месеци по формирањето на Министерството за иселеништво, односно на 30 март 1999 година беше конституиран Советот за иселеништво како советодавно и консултативно тело на Министерството за иселеништво. Овој Совет работеше во поширок и потесен состав. Во потесниот состав беа вклучени 14 афирмирани личности од Република Македонија, познавачи на иселеничката проблематика, меѓу кои и авторот на овие редови.

Во период од неколку години Министерството за иселеништво постигна видни резултати. Тоа градеше мостови на доверба со многуилјадното македонско иселеништво ширум светот како нераскинлив дел од македонскиот национален корпус. Притоа, постојано беше нагласувано националното помирување како еден отворен процес на сите Македонци каде и да живеат во светот.

Во тој период посебен акцент му беше ставено на информирањето на иселеништвото во светот со збогатување на содржините, квалитетот и квантитетот на илустрираното списание „Македонија“.

Развојниот пат на списанието „Македонија“ се совпаѓаше со развојот на Република Македонија на општествен, национален, политички и културен план. Во периодот од 48 години (од 1953 до 2001 година) се отпечатени 595 броја, чиј последен број беше и последен на авторот на овие редови, кој потоа замина во пензија.

Инаку, периодот на печатењето на списанието „Македонија“ е многу значаен за иселениците од сите делови на Македонија, бидејќи тоа претставуваше афирматор на сите вредности на Република Македонија и информатор на иселениците. Затоа, со право се велеше дека илустрираното списание „Македонија“ претставува мост на зближување меѓу иселениците од етничка Македонија и на нивните генерации ширум светот и Република Македонија.

М-р МартинТреневски како министер имаше поголем број посети на различни земји каде живеат Македонци. Се чини посетите на Австралија, Соединетите Американски Држави, Канада, Европската Унија, Турција и Израел останаа забележани и во списанието „Македонија“ .

Инаку, м-р Мартин Треневски по еден мандат беше именуван за амбасадор на Република Македонија во Шведска и Белгија, а генерален конзул беше во Торонто, Канада.

За својата успешна работа и постигнатите резултати, Треневски, како новинар и како амбасадор е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои, и на највисоката награда за новинарство во Македонија – „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во 1983 година.

Продолжува

 G6

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *