Објавен повик за јавно-приватно партнерство за изградба на дистирбутивниот систем на гас во земјава

Министерството за економија вчера го објави јавниот повик за доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство за финасирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во земјава.

Право на учество на тендерот имаат компании или конзорциуми што имаат најмалку пет години искуство во дистрибуција на природен гас, најмалку 100 илјади корисници приклучени во нивниот систем за дистрибуција, имаат дистрибуирано најмалку три милијарди кубни метри природен гас во последните три години и имаат  годишен приход од најмалку 150 милиони евра  во последните три години. Услов на повикот е приклучокот на системот за дистрибуција да не чини повеќе од 100 евра по домаќинство,  но операторите можат да понудат субвенции за граѓаните и бесплатен приклучок.

Јавниот повик, како што денеска информира ресорниот министер Крешник Бектеши, ќе се спороведе како постпка на конкурентен дијалог  во согласност со Законот за концесии и јавно приватно партнерство и Законот за јавни набавки во рамките на која понудувачите ќе имаат можност да понудат соодветно решение. Проектот ќе се реализира во три фази од кои во првата ќе се изврши претселекција, а во втората понудувачите ќе можат да учествуваат во дизајнирањето на проектот и да дадат технички решенија кои ќе бидат евалуирани. Во третата фаза  за прифатеното техничко решение, кое ќе вклучи опфат, услови и времетрање на концесиски период кој не смее да биде повеќе од 35 години, понудувачите треба да достават економски најповолна понуда.

-Целата инвестиција за изградба на дистрибутивниот систем на гас ќе биде поголема од 300 милиони евра и ќе се спроведе во три фази со однапред определена динамика. Ќе има индиректен позитивен импакт и во другите области, а во изведувањето ќе бидат вклучени домашни и странски компании. Со објавувањето на јавниот повик почнува првата фаза што ќе трае 120 дена, односно до 9 јуни по што ќе следи отворањето на понудите. Очекуваме целата постапка од повикот да заврши до четвртиот квартал годинава. При евалуацијата на понудите Министерството за економија ќе ги земе предвид висината на надоместокот за приклучок, концесискиот надоместок и времетраењето на градбата, рече Бектеши на денешната прес-конференција.

Тој прецизира дека откако ќе биде избран, приватниот партнер ќе има обврска во рок од четири години од добивање на секое поединечно одобрение за градење да изгради по најмалку 50 отсто во градските и 20 отсто во руралните општини од предвидената примарна дистрибутивна мрежа на природен гас. Очекува до крајот на годинава да почнат да се градат првите метри од дистрибутивата мрежа.

Директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР) Бајрам Реџепи рече дека цел на Владата е не само да донесе гас до секое семејство, туку тој да биде евтин.

-Затоа се трудиме да ги направиме сите други предуслови. Градбата на преносниот систем е речиси готова и ни остануваат околку 30 километри за да ги изградиме последните делници од Неготино до Битола и од Скопје до Гостивар и Тетово. Веќе добивме грант од 10 милиони евра за интерконекторот со Грција, а при крај сме и со преговорите за да ја обезбедиме целата финансиска конструкција за оваа делница и очекувам до крајот на годината да го објавиме повикот за градба. Добивме грант и за физибилити студијата за интерконекторот со Косово, рече Реџепи и додаде дека со нивната изградба ќе се влијае за намалување на цените на природниот гас кај нас.

Посочи дека очекува до крајот на годинава да почне изградбата на дистрибутивниот систем во неколку градови, особено во оние во кои веќе е проектиран. Во првата фаза од градбата, додаде, ќе се вклучат сите општини што гравитираат околу преносниот систем.

Според него, согласно пресметките за стан од околу 85 квадратни метри во кој живее четиричлено семејство адаптацијата на внатрешните инсталации за примена на природен гас ќе чини околу 1.500 евра, но може да биде и помалку бидејќи, како што рече, има голема конкуренција во регионот за таквите апарати. Покрај тоа, додаде, има семејства кои веќе имаат парно греење и ќе треба само да го сменат котелот и да купат шпорет и бојлер на гас. Воведувањето гас, прецизира, согласно искуствата на соседите за 70 до 75 отсто ќе ги намали сметките за електрична енергија.

Владата лани во декември ја донесе одлуката за започнување на постапката  за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во земјава. вј/скс/

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *