Детските музички фестивали база за музичка писменост на младите

Музиката влијае на нашето расположение, буди радост, емоции што ја галат душата кај сите генерации и е неодминлива уште од најраната фаза на развој на секој човек. Оттука и круцијалната важност на тоа каква музика им се „сервира“ на младите, особено на децата и тинејџерите. За ова порано без да се полемизира или посебно да се акцентира беа тука актуелните детски фестивали, од „Златно славејче“, „Си-до“, па „Поточиња“ и други, чии хитовски песни и незаборавни рефрени беа оние што наизуст, дури и во сон, ги потпевнуваа дечињата, пеејќи за теми од нивните секојдневни преокупации, додека денес, во ера на паметни телефони, интернет-сервиси и апликации, не само што се помешани плејлистите на оние за деца, тинејџери, адолесценти, туку сме сведоци буквално на ерозија на музичката писменост, па седумгодишници што на роденденски забави пеат песни со вулгаризми, песните на изведувачите од соседството им се омилени, а детски песни, наши, македонски, речиси и не се слушаат.
Ова се факти пред кои не можеме, не треба и не смееме да останеме неми, туку да дејствуваме, а еден од добрите модели и начини да се креираат повисоки критериуми за музичкиот вкус на младите се детските фестивали, нивно заживување, промовирање, реактуализација.
Светол пример на оваа тема е возобновениот детски фестивал во Крива Паланка „Распеано симитче“, кој во 2018 година по дводецениска пауза беше возобновен од страна на Здружението „Центар за аудиовизуелни уметности“ со финансиска поддршка од локалната самоуправа на Општина Крива Паланка, а неодамна се одржа и петтиот фестивал со нови петнаесет композиции.

Музиката не познава граници, а детското уво најлесно ги восприема тајните на звукот и играта, ги обединува срцата на младата публика, втемелувајќи трајни вредности значајни за развојот на културата во секоја средина. Ова особено е важно за помалите локални заедници, каде што младите немаат можности да се сретнат со различните форми на уметнички израз, каква што е Крива Паланка. Затоа, секоја продукција на локално творештво има огромно значење за нив, а во оваа општина една од нив е токму нашиот детски музички фестивал „Распеано симитче“ преку кој се едуцираат, создаваат и градат однос кон музиката и културата голем број локални автори и млади изведувачи, вели Методи Цветковски, директор на фестивалот.

Фестивалот на детска песна „Распеано симитче“ беше востановен во 1997 година со цел да се анимира детската публика од општината и да им се понуди содржина од локалната култура каде што тие самите ќе може да учествуваат и да градат сопствен став кон културните вредности на заедницата.

– Ова, всушност, беше и првата голема музичко-сценска манифестација во која најмладите имаа можност да ја почувствуваат сцената, да ги покажат своите потенцијали и да ги развиваат своите афинитети кон оваа уметност. Од друга страна, на младата публика, но и воопшто на кривопаланечката публика, ѝ беше понуден комплетен локален продукт, кој ги поттикна децата слободно да ја изразат својата креативност, а истовремено им понуди место да ги изразат своите таленти. Веќе следната година интересот за „Распеано симитче“ стана многу поголем, добивме позитивни критики од локалната средина и реализиравме успешно уште едно издание на фестивалот во 1998 година, кој влезе во детската програма на МРТВ и беше сниман и емитуван на истата. За жал, поради недостиг на средства, но и неразвиена уметничка сцена, традицијата на фестивалот беше прекината, раскажува  Цветковски.

Во 2009 година беше возобновена фестивалската традиција, со ретроспективно издание на фестивалските песни, но и тогаш не се собраа сили да продолжи да функционира и да егзистира на сцената.

– Во 2018 година наидовме на слух кај локалните власти и последните две години рефлекторите на сцената во Националната установа Центар за култура Крива Паланка, каде што се одржува фестивалот, ја осветлуваат и оживуваат повторно фестивалската магија. Оттогаш редовно се продуцира нова фестивалска програма. Возобновувањето и реосмислувањето на детскиот фестивал што го организира Центарот за аудиовизуелни уметности е поддржан и од Општината Крива Паланка и од Министерството за култура, кои го потврдија значењето на создавање локална продукција, во рамките на дисперзијата и децентрализацијата на културата, да биде подеднакво достапна за сите, додава Цветковски.

Она што е карактеристично и го прави пoсебен фестивалот е и што на конкурсот за избор на детски песни учествуваат домашни автори, најчесто локални, од Крива Паланка и соседните општини, композициите се лесно прифатливи, а продуцирани се современи детски песни.

– Смислата на организирање на Фестивалот на детска песна „Распеано симитче“ не е само на најмладите да им понудиме уште еден детски фестивал на кој тие ќе се забавуваат. Нашата интенција е многу поголема, а тоа е во продукцијата на фестивалот да вклучуваме што поголем број автори  од општината и нашиот регион, да ги користиме локалните ресурси, а изведувачи се дечињата од нашата општина. Сакаме ова да биде продукт со проверен тим, кој ќе создава квалитет. За младата публика многу е поинтересно да ги гледаат своите другарчиња на сцена, тоа да им е достапно во местото на живеење и да не е голем издаток за нив. Од друга страна, ги поттикнуваме младите автори од Крива Паланка да создаваат, нудејќи им простор каде да се изразат. Секоја година вклучуваме и развојна компонента во фестивалската програма, секогаш се трудиме да понудиме нешто ново, да имаме некое изненадување за најмладите. Истовремено, целиме фестивалот да има целогодишна програма каде што ќе се создаваат песните, ќе се учат кореографиите и ќе се планира концепцијата на настаните. Веќе сме во преговори и за проширување на понудата на фестивалот во други општини или за публиката од другите општини, што ни дава уште поголем мотив да ја развиваме и афирмираме оваа манифестација, истакна директорот на фестивалот Методи Цветковски.

Фестивалот на детска песна „Распеано симитче“ за најмладите од Крива Паланка станува не само место што ги поврзува училиштата од општината, туку и ги сплотува младите, профилирајќи група таленти од кои се очекува да ја развиваат културната сцена во градот.

– Музичко-сценската дејност, според направените истражувања, се покажа како најатрактивна за младата публика. Од друга страна, пак, таа е најмалку развиена во нашата заедница. Затоа, детскиот фестивал добива на значење бидејќи, покрај забавната и едукативната функција за детската популација, има и голема социјална улога. Младите доаѓаат срамежливи, повлечени, издвоени, преокупирани со песни од секакви стилови, а од фестивалот излегуваат како големо разиграно друштво, со многу инвентивни и креативни идеи, со интерес за добра музика, детски теми, соодветни на нивната возраст. Сето тоа понатаму го дисперзираат меѓу своите другарчиња и во училиштата. Особено е важно што преку фестивалските настани тие го создаваат и го јакнат чувството за ритам и за јавен настап, што понатаму им ја олеснува комуникацијата и ги гради како самосвесни личности со доверба и сигурност во себе и своите таленти. Доказ затоа е што интересот за фестивалот постојано расте и тоа во голем обем. Ако минатата година имавме едвај 30-тина членови на хорчето „Симитчиња“, оваа година нивниот број е зголемен двојно. Тоа покажува дека со овие деца навистина треба да се работи сериозно на подолгорочни патеки и дека преку нив треба да ја градиме локалната култура, потенцира кореографката на фестивалот Жаклина Цветковска.

Важно е да се спомене дека фестивалот нема само улога на репродукција на песни со детски призвук, приспособени за најмладата публика, туку во програмскиот развој е втемелен концептот на следење на современите музички текови, што ја привлекува и тинејџерската публика.

– Секогаш се трудиме песните што ги создаваме да имаат елементи на модерен звук. Па така во нив има џез и поп-елементи, рок-секвенции, модерни аранжмани, направени од професионалци. Со тоа на децата им нудиме не само песна туку и навлегување во музичките жанрови, што понатаму можат да бидат нивна одредница или да им го прошират видикот за музиката воопшто. Во таа насока имаме идеи и за надградување на фестивалската програма со џе- работилници за деца, со модерни сценографии, атрактивни кореографии и слично, нагласува Цветковски.

Во авторските тимови се застапени локални автори, композитори, текстописци, аранжери, дијзајнери, а водителка на фестивалот е Елизабета Стефановска, поранешна солистка од „Распеано симитче“, денес позната актерка, кривопаланчанка.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *