Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски четири години не преземал конкретни мерки и активности за долгорочно решавање на проблемот со набавка на обрасци за лични документи. Тоа е единствената причина поради која до ден денес не е решен проблемот со недостиг на обрасци и издавање на лични документи, што ќе предизвика натамошни последици, истакна денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
– МВР се соочува со сериозно проблем и застој во издавање на лични документи особено на патните исправи што е последица на несовесно работење во минатото, но воедно и отвора сомнежи за прекршување на законски процедури и норми. Се работи за свесно или несвесно заобиколување на законски утврдените процедури кои отстапки само го потврдуваат недомакинкото и непланско работење од Спасовски со што се предизвикани негативни фискални импликации на буџетот на МВР. Постојат индиции подкрепени со материјални докази кои велат дека се спроведувале постапки спротивно на законот и за истите се склучувале договори, рече Чулев.
– Се работи за два договори – во 2016 година МВР доставува до Владата информација дека Договорот од 2007 до 2017 година со компанијата Веридос е истечен и треба да се склучи нов долгорочен договор на пет години, а инаку МВР во 2016 година кажува дека е добро на 10 години заради тоа што овој оперативен систем трае подолг временски период, за да не се прават дополнителни трошоци. Владата донесува одлука дека треба да се склучи нов долгорочен договор, односно да се направи меѓународен тендер, за кој за да се направи потребно е да се избере консултантска фирма. Меѓутоа МВР не го спроведува тоа и склучува рамковна спогодба со Веридос од 2017 до 2019 година во траење од две години. Таа рамковна спогодба е во износ од 7.209.963 милиони евра, меѓутоа износот на спогодбата се зголемува дури на 12.898.523 евра со што се прекршиле законските постапки и процедури, треба нов договор, надминат е анексот…рече Чулев.
Потенцира дека дополнително во овој период од две години наместо повторно да се распише меѓународен тендер и покрај обврската која е дадена на МВР од Владата тој не е направен, четири пати намерно или ненамерно неуспешен е изборот на консултантска фирма, што треба да го распише.
Истекува периодот 2019 година и во декември, нагласи Чулев, се склучува нова рамковна спогодба пак на две години со истата компанија Веридос.
– Во меѓувреме во оваа рамковна спогодба не се специфицирани техничките спецификации што треба да се содржат во неа. Комисијата која била вклучена се откажува заради тоа што смета дека не се исполнети техничките услови за склучување на рамковна спогодба меѓутоа се продолжува со спогодбата со тоа што се менуваа членовите на Комисијата и тие продолжуваат со постапката која е на висока сума. Не е преговарано од МВР, туку наместо тоа да ги даде техничките спефицикации, фактички Веридос дава технички спецификации на тоа што нам како МВР ни е обврска да го специфицираме во рамковната спогодба околу изгледот на новите обрасци со новото уставно име на државата, околу рокот на испорака, начинот на плаќање итн. Дополнително се набавува хардвер во вредност од седум милиони евра, а прашање е дали тој нас ни е потребен или не без соодветен софтвер и без технички спецификации, рече Чулев.
Истакна дека поради постоење индиции кои се подкрепени со факти и аргументи дека од страна на одговорни лица во МВР дека е злоупотребена службената положба со целокупната писмена коресподенција и материјални докази е известено Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за нивна натамошна надлежност и постапување. Доколку, појасни, се потврдат сомнежите против овие вработени против кои ќе биде покренат обвинителен акт ќе бидат преземени соодветни мерки односно спроведени дисциплински постапки согласно Колективниот договор на МВР.
Според него, целокупната одговорност за хаосот во кој се наоѓа МВР и нашата држава, а чии последици најмногу ги трпат граѓаните ја има Оливер Спасовски, кој бил должен да преземе мерки со кои ќе се спречат овие дејствија.
– Граѓаните заслужуваат одговор и во оваа пригода го прашувам поранешниот министер за внатрешни работи, сегашен технички премиер Оливер Спасовски дали ова е одговорното и стручно работење за кое тој говореше постојано во изминатиот период, дали ова се стручните и одговорните и стручни кадри кои тој ги постави, а за кои тврдеше дека работат согласно законите, дали склучувањето договори кои се спротивни на законските прописи е законско работење за кое тој наводно се залагаше, дали менувањето на Комисијата на сред постапка за јавна набавка е стручноста и одговорноста која тој постојано ја нагласува, додаде Чулев.
Одговарајќи на новинарско прашање посочи „фирмата одредбите од договорот ги исполнила во првичниот дел, меѓутоа од наша страна е многу надминат износот, фирмата секогаш си го гледа економскиот интерес, меѓутоа ние треба да се придржуваме согласно воспоставените договори и интереси“.
Чулев одговарајќи на новинарско прашање рече дека со цел надминување на недостигот во издавање на лични карти и возачки дозволи пролонгирано е работното време на служби во Одделението за управни работи Скопје и дисперзираните канцеларии Беко и Ѓорче Петров. Тие ќе работат во две смени од 7:30 до 15:30 часот и од 13 часот до 21:30 часот вклучително и сабота се до одржувањето на парламентарните избори.
– Имаше застој во издавањето на лични карти, возачки дозволи и патни исправи. Во однос на личните карти и возачките дозволи во интензивни преговори со Веридос надмината е состојбата и веќе имаме континуирана испорака и со зголемување на работното време на службите. Во делот на патни исправи тука е сериозна ситуацијата, правиме скрининг и во текот на утрешниот ден ќе излеземе со конкретно соопштение во однос на состојбата со пасошите и јавноста и граѓаните ќе бидат информирани што да очекуваат. Наредната испорака за пасоши е 28 март. Моментално се издаваат пасоши, меѓутоа да видиме до кога, додаде Чулев.