Министерот Филипче најави три нови апарати за магнетна резонанца за бoлниците во Охрид, Прилеп и Гостивар

Министерот за здравство Венко Филипче денеска го посети Одделението за третман на деца со потешкотии во развојот при Општата болница во Охрид, што беше отворено пред неколку месеци со поддршка на Владата на Република Бугарија.

Во Центарот, што е единствен во регионот се лекуваат и престојуваат деца со посебни потреби од Охрид, Кичево, Струга, Ресен, а со нив работат експерти од областа, дефектолози, невролози, невропсихијатри…

Тој разговараше со надлежните од установата, за потребите од натамошно зајакнување на капацитетите на експертскиот кадар во болницата, најавувајќи дополнителни специјалистички дообразби на лекарите, како и опремување на болницата со нов апарат за магнетна резонанца, со оглед на големата потреба од такви дијагностички снимања за пациентите од градот и околината.

– Станува збор за исклучитално важен апарат за жителите во регионот, имајќи предвид на големиот број сложени интервенции што се спроведуват во болницата и во другите здравствени установи во градот, а имаат потреба од такво вид снимање, рече министерот, најавувајќи дека во Охрид ќе ги посети уште и Специјалниот завод за третман на кардиоваскуларни заболувања и Специјалната болница за ортопедија и травматологија „Свети Еразмо“, чија изградба е во тек.

По однос динамиката на реконструкцијата на „Свети Еразмо“, Филипче истакна дека градежните активности се при крај, со очекувања дека тие би требало да бидат заокружени до крајот на мај годинава.

– Тоа ќе биде современ, модерен центар за третман на ортопедски пациенти, но и за пациенти со комплексни кардиолошки заболувања, со тоа што дел од кардиолошките интервенции ќе продолжат да се работат во постојната зграда на Заводот за кардиологија, додека комплексните интервенции за кои е неопходна посовремена апаратура ќе се изведуваат во рамки на болницата „Свети Еразмо“, рече Филипче.

Кога станува збор за апаратот за магнетна резонанца, тој ќе биде набавен од развојниот буџет на ресорното Министерство, преку кој уште ќе бидат обезбедени такви апарати уште и за потребните на центрите во Прилеп и Гостивар. Постапката за набавка на апаратура ќе биде отпочната за две седмици.

Што се однесува на подобрувањето на состојбите со недостиг на специјалисти педијатри и гинеколози во целата држава, Филипче најави дека решението на проблемот ќе се бара преку искуствен модел на функционирање на примарната здравствена зашитита во Република Словенија, по пат на циркулација на лекарите од болниците и здравствените домови.

– Со измените во Законот за здравствена заштита при недостиг на одреден број специјалисти, на сите специјалисти ќе им биде овозможено да работат и како матични лекари, но и во болничките установи преку дежурства за што ќе бидат соодветно платени. Таму каде недостигаат матични лекари ќе биде дозволено, преку посебен печат болничките специјалисти да работат и како матични лекари…Верувам дека во периодот што следува дополнителните услуги што матичните лекари ќе можат да ги пружаат во јавните здравствени установи навистина ќе доведат до полесен пристап на пациентите до соодветна здравствена заштита, рече министерот Филипче.

Владата денеска својата редовна осма седница ќе ја одржи во Охрид, како петта од серијата седници, што се одржуваат во десет региони во земјата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *