Кумановски „Водовод“ на современ начин ќе го следи системот на водоснабдување

Јавното претпријатие „Водовод“ – Куманово со проектот „Реконструкција, употреба и одржување на водоснабдувачкиот систем на град Кумановона современ начин почна да го следи дотурот на непреработена вода и испорачувањето на количините чиста вода за потребите на градот. Модерната опрема овозможува да се види колку вода се губи во одредени зони во градот, каде се дефектите, каде треба да се интервенира. Дел од опремата е наменет и за следење на процесот на филтрирање на водата што се преработува во Фабриката за вода, односно во Филтер-станицата во Куманово.

Раководителот на одделението за водоснабдувачки објекти од ЈП „Водовод“, Тони Јовчевски, појаснува дека имплементацијата на проектот за употреба и одржување на водоснабдувачкиот систем на град Куманово е во завршна фаза. Како дел од проектот во Филтер-станицата е имплементиран СЦАДА-систем во два различни дела. Со едниот се следи водоснабдувањето на градот, што подразбира набљудување на дотурот на непреработена вода и водоснабдувањето, односно пуштање на преработената вода за пиење кон различните зони во Куманово.

– Дотокот на вода е од три различни изворишта. Главниот е од акумулацијата Липково, надополнувано од акумулацијата Глажња. Дополнителните количини, кои повеќе се користат во лето, се од дренажниот систем Бедиње и од водоснабдувачкиот систем „Митев мост“ во Проевце. Таа вода што се преработува како чиста се дистрибуира во трите зони на градот, ниска, средна и висока зона, појаснува Јовчевски.

СЦАДА-системот може да го следи дотурот на вода, кога се потребни поголеми количини вода. Вработените во Филтер-станицата ги зголемуваат количините непреработена вода што треба да се преработи, а се зголемуваат количините што му се потребни на градот во дадениот момент.

Истовремено, СЦАДА-системот овозможува и следење и на квалитетот на водоснабдувањето преку протокомери, кои веќе се поставени во градот во одделни зони. Евентуалните проблеми со притисокот можат да покажат каде во тој дел од Куманово има проблем, по што интервенираат екипите за санирање на дефектите.

– Досега до имплементацијата на проектот вработените следеле врз база на искуството. Во одредени периоди од годината има одреден проток и се гледаа резервоарите и ако постојано се зголемувала количината на непреработената вода, сме знаеле дека има проблем, но со покрупни дефекти. Сега со новиот систем можат да се забележат и поситните дефекти на цевките, каде има непланирано истекување детализирани се деловите од мрежата, појаснува Јовчевски.

Втор дел од СЦАДА-системот е за водење на процесот на прочистување на водата, кој функционира како независен елемент и е ориентиран само на пречистување на водата. Овозможено е компјутерско следење на филтрите и процесот на пречистување.

– Овозможува комјутерски да се отвори, да се затвори филтерот, во посебна просторија вработените добиваат сигнал дали има премногу вода за одреден филтер, дали треба да се испере, кои процеси треба да се преземат. Се олеснува процесот на следење, претходно се трошеше време и исклучиво беше сведено на човечкиот фактор. Вработените таму се по 24 часа присутни, рече Јовчевски.

Бојан Петрушевиќ, главен инженер за електро и машинско одржување во Фабриката за преработка на вода, појаснува дека претходната опрема била дотраена, нефункционална, а со овој проект опремата ќе биде заменета и ќе се олесни работата на персоналот, ќе се подобри набљудувањето на излезните параметри во водоснабдувачкиот систем на Куманово.

– Ќе имаме точна информација колкава количина преработена вода испраќаме кон градот, колку доаѓа до Филтер-станицата, во самиот проект можеме да управуваме и далечински определени локации. Дефектите се во вид на мониторинг, можеме да мониторираме првичните две локации паралелно се развива и друг проект со кој во центарот на градот ќе бидат опфатени повеќе локации, ќе се направи целосно мапирање на градот, тогаш точно ќе се знае каде е проблемот, која количина се губи, додава Петрушевиќ.

Од Филтер-станицата може да се управува дополнителениот систем за водоснабдување „Митев мост“, целосно да се контролира работната единица, оддалечена неколку километри од фабриката за вода.

Со поставување на мерната опрема и формирањето зони на водоснабдување со 25 мобилни – преносни ултразвучни мерачи на проток и притисок, во секое време надлежните ќе знаат каде и колку вода се губи во системот за водоснабдување.

 Формиравме тимови што веќе ја поминаа основната обука, кои со геофон и геокорелатор, опрема за откривање подземни невидливи дефекти, ќе ја поминат целокупната примарна и секундарна водоснабдувачка мрежа, ќе ги откријат евентуалните подземни дефекти и ќе можеме да интервенираме со цел намалување на загубите на вода и зголемување на ефикасноста и ефективноста на претпријатието, изјави директорот на претпријатието Горан Стојковски.

Во бунарското подрачје Митев мост“, најави директорот, е предвидена нова мерна опрема во 11 постојни бунарски шахти и мерна опрема во препумпната станица. На три мерни места ќе се постави мерна опрема на резервоарот Карпоши резервоар – Бајрам Шабани и нови сонди. На сите локации каде што ќе се постави мерната опрема е предвидено далечинско следење на промената на состојбата на мерната опрема во однос на проток и притсок и во кругот на Филтер-станицата е предвид ен главен СЦАДА-центар, со што следењето се овозможува и од канцеларија.

– Заштедата ќе биде реинвестирана во купување механизација за потребите на ЈП „Водовод“ и потребна опрема пред сè за станица за пречистување отпадни води и Фабриката за вода, додава Стојковски.

За проектот претпријатието аплицираше до Министерството за транспорт и врски, а се обезбедни над 860.000 евра, средства од Европската инвестициска банка.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *