Неизвесно изнесувањето на згурата од Црниот рид од велешка Топилница

Компанијата „Кепс Монт Гроуп“ ДОО Скопје се соочува со административни проблеми за да започне извоз на троската со тешки метали од Црниот рид  на поранашна Велешка Топилница, а што на 9 октомври дирекно на локацијата на Црниот рид  беше најавено дека ќе започне до крајот на декември изминатата година. Оттаму за МИА, денеска  информираат дека се соочуваат со проблеми за набавка на два, како што посочуваат проблематични документи и банкарска документација набавка на МСДС – еден вид лична карта на производот, а кој треба да го издаде производителот – Топилницата за олово и цинк „Злетово“ Велес, а која не работи повеќе од 16 години. Втората пречка е и забраната за извоз на отпад во Малезија која беше донесена од почетокот на годинава, но од „Кепс Монт Гроуп“ уверуваат  дека тоа за нив не важи.
-Ние имаме потпишано договор минатата година пред стапување на сила на забраната, но сепак тоа ќе треба да го договори нашиот претставник во дирекна средба со купецот на згурата, појасни за МИА, Бранко Радевски од „Кепс Монт Гроуп“.
Тој најави дека претставник на фирмата на 15 февруари ќе замине за Малезија дирекно да преговара со купецот за да се надминат постоечките проблеми, а за да започне извозот на згурата од велешка Топилница за Малезија преку Солунското пристаниште.
Тој информира дека на 15 јануари годинава со специјален камион бил извезен пробен контејнер со згура од Црниот рид на Топилницата.
Инаку, фирмата „Кепс Монт Гроуп“ ДОО Скопје во октомври лани започна со подготвителни работи и расчистување на локацијата односно на Црниот рид со згура висок од 200 до 250 метри и длабок 22 метри од секаков вид комунален и градежен отпад.
Тогаш од компанијата  се  најавуваше дека кај згурата  ќе се инсталира и подвижната монтажна техничка линија -транспортни ленти по две за утовар и две за истовар на суровината, покриени со хауба,  а  од која дирекно ќе се става рудата во затворените специјални камиони со кои ќе се изнесува згурата.
Од „Кепс Мон Гроуп“ тогаш информираа дека со анализата на згурата во ЛЏ Лабараторијата во Холандија преку Белградскиот институт и Лабараторијата во Бор Србија, а во зависност од шаржерот на рудата која се топела и колку таа вешто била стопена во 1.8 милиони тони Црниот рид од Топилницата има 6-9.8 проценти цинк, од 2.2 до 3,4 проценти на олово  и железо од 1,25 проценти, како и други метали минимални количества на кадмиум и арсен, а сврзани  во таканаречена  „кристална решетка“ со останатите тешки метали, поради што и немало опасност по околината од овие метали, појасни тогаш Ранко Шчекиќ, менаџер на техничкиот персонал на „Кепс Монт Гроуп“.

Инаку, Црниот рид од велешка Топилница настанат како последица од триесетгодишното работење на велешката Топилница за олово и цинк е една од десетте еколошки жешки точки во земјава, а кои треба итно да се решат, за да се заштити животната средина и здравјето на граѓаните.

Граѓаните на Велес и повеќе од 16 години од затворањето на Топилницата и  се уште ги трпат последиците од згурата на Црниот рид полн со метали или метална прашина која поради „Ружата на ветровите“ од локацијата на која се наоѓа  до нивните домови секојдневно се  разнесува со секој посилен ветер.