Со над 1,5 милиони швајцарски франци Собранието ќе го унапредува своето работење

Финансиска поддршка во висина од 1.637.207 швајцарски франци за набавка на стоки, услуги и работи, вклучително и за внатрешни информациски и комуникациски системи, набавка на софтвер за поддршка на платформата за е-законодавство, софтвер за превод и развој на веб-страницата на Собранието, како и за набавки на опрема за развој на собраниското ТВ студио, ќе добие во наредните две и пол години Парламентот согласно денеска потпишаниот  Договор за финансиски придонес, во рамки на Проектот „Програмата за поддршка на Парламентот“.

Како што информира собраниската прес-служба, Меморандумот за разбирање на проектот „Програма за поддршка на Парламентот“ на 20 февруари 2018 година потпишаа Собранието на Република С. Македонија и Владата на Швајцарската Конфедерација, претставувана од Федералното министерство за надворешни работи, дејствувајќи преку Амбасадата на Швајцарија во Република С. Македонија/Швајцарската Агенција за развој и соработка.

-За потребите на спроведување на Проектот, Амбасадата на Швајцарија/СДЦ го ангажира Националниот демократски институт за меѓународни работи и во тој контекст, денеска, во Собранието претседателот Талат Џафери, од име на Управувачкиот совет за реализирање на Проектот и Роберт Скот Хејзлет, заменик директорот на НДИ и воедно тим лидер на Програмата за парламентарна поддршка, потпишаа Договор за финансиски придонес, се вели во соопштението.

На чинот на потпишување, покрај Џафери, присуствувал полниот состав на Управувачкиот совет, односно потпретседателите на Собранието Горан Мисовски, Фросина Ременски и Зеќир Рамчиловиќ, координаторите Јован Митревски, Ејуп Алими, Никола Мицески и Емилија Александрова и генералната секретарка Цветанка Иванова.

-Џафери, потврдувајќи ја едногласната поддршка на развојните цели од страна на Управувачкиот совет а кои се во насока на зајакнување на уставно утврдената претставничка, надзорна и контролна улога на законодавниот дом и зголемувањето на неговата независност, функционалност, транспарентност, достапност и подобрување на интеринституционална соработка, рече дека ова е уште едно значајно достигнување за кое, имајќи ја предвид едногласната поддршка на усвоениот Стратешкиот план на Собранието и Меморандумот за разбирање на Проектот, уверен е дека ќе се продолжи од страна на следните парламентарни состави онака како што е предвидено во Планот за јавни набавки и прецизирано во буџетските ставки, се вели во соопштението од собраниската прес-служба.

Роберт Скот Хејзлет, ја потврдил поддршката за реализација на Стратешкиот план на Собранието и во име на Програмата за парламентарна поддршка која е поддржана од Швајцарија се обврза да му даде на Собранието финансиска поддршка во текот на следните 2,5 години. Покрај овие активности, предвидени се и дополнителни, комплементарни активности согласно Акцискиот план и Отворено Владино Партнерство.

Амбасадорката Тејада која присуствувала на овој чин од име на Швајцарската конфедерација, се заблагодарила на одличната соработка со претседателот Џафери и претставниците на Службата на Собранието и изрази надеж дека оваа соработка ќе продолжи во истиот ритам и во иднина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *