Продолжува прекинот на железничкиот сообраќај

Прекинот на железничкиот патнички и товарен сообраќај во државава продолжи и денеска, откако од завчера машинскиот персонал ја бојкотира работата со неисполнување на работните обврски  барајќи зголемување на надоместот за квалитет на работа од 30 на 40 проценти.

Од машинскиот персонал за МИА велат дека досега заминале само два товарни воза и оти се соочуваат со притисоци да продолжат со работа. Тврдат дека во текот на вчерашниот ден од раководството им било побарано секој машиновозач и помошник машиновозач да потпише поединечна изјава дали ќе ги извршува работните обврски. Како што велат, остануваат на поставеното барање и се отворени за разговор, но по средбата што ја имаа во пресрет на штрајкот со раководството на компанијата и ресорниот министер Горан Сугарески, не добиле нова покана.

Раководството на компанијата, кое го оквалификува прекинот како незаконски, се изјасни дека претпријатието нема финансиски можности да го исполни поставеното барање. Потенцираа дека редовно се исплаќа платата и оти таа во просек изнесува 47.665 денари, како и останатите надоместоци, а надоместот за квалитет, им беше укинат во тек на антикризните мерки во 2008 година, им се исплаќа повторно во износ од 30 проценти.

Апел да продолжат со работа до машиновозачите упати министерот  за транспорт и врски Горан Сугарески, укажувајќи дека со секој застој во претпријатието се создаваат нови долгови, што е проблем години наназад. Во делот на превозот на патници ЖРСМ Транспорт добива субвенции од државата и тој основ за годинава се предвидени 430 милиони денари. Ангажирана е и консултантска куќа која треба да подготви студија со можните модели за преструктуирање на Железници на РСМ Транспорт, по препораките од Европската комисија и домашните експерти дека решение за состојбите во железницата е либерализација на железничкиот сообраќај.