Мицкоски: Правни експертите да го напишат законот за ЈО

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес – конференција побара тим од правни експерти да го изготват законот за јавно обвинителство

Тој обвини дека Зоран Заев сака власт само да не се соочи со правдата и ништо повеќе и ништо помалку од тоа и оти законот за јавното обвинителство го користи, вели, единствено како изговор за останување на власт.  Според него, Законот за јавно обвинителство кој го предлага Заев е едностран и во спротивност со експертските мислења, Уставот и кривичната материја.

– ВМРО-ДПМНЕ не е против закон за јавно обвинителство, туку е против партиски закон за јавно обвинителство со кој ќе се заштити криминалот. Секое законско решение мора да биде производ на консензус, но и во дослух со експертската јавност. Затоа предлагам законот за јавно обвинителство да дојде од експертите и професорите од Правниот факултет кои имаа релевантност и искуство од оваа материја и беа дел од јавната дебата. Професионализамот да го ставиме над партиските интереси, а законот кој тие ќе го предложат безрезервно и без двоумење ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати, рече Мицкоски.

Тој предложи формирање тим од врвни експерти кои што ќе работат на изготвување на овој закон, меѓу кои ќе бидат вклучени професорите по уставно и казнено право, а тоа се: професорите Владо Камбовски, Гордана Силјановска, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ.

Според Мицкоски, одложувањето на изборите нема да го спаси од одговорност Заев, туку само ќе ја продлабочи кризата во која што се наоѓаме. Повика и да се престане со притисоци врз претставниците во законодавниот дом, без разлика на која партија и припаѓаат.

-Да престанеме да го разочаруваме и онака веќе разочараниот македонски граѓанин, затоа што чуму ни се тогаш избори ако со притисок едноставно  може да се боксуваат законски решенија во рамките на законодавниот дом, рече Мицкоски.

На новинарско прашање дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог за распушатње на Собранието на 12 февруари и дали ќе остават уште неколку дена за да се донесе законот за ЈО, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека важно е да имаме законско решение кое што ќе биде квалитетно, а дали ќе стигнат во рокот на седум дена или 17, 70 или 170 денови, вели, е апсолутно ирелевантно.

Тој повтори дека експертите се тие на кои треба да им се остави да предложат решение, а не партиите.

-Дајте да направиме еден закон кој што навистина ќе биде закон, кој што ќе биде реформски и европски. Единствен кој што може тој закон да го направи да биде таков е експертот кој што го посветил сиот свој живот во таа проблематика и затоа велиме овие шест имиња се имиња на професори, еве оставаме слобода и од страна на владејачкото мнозинство да исто така предложат имиња на професори што исто така се експерти и би учествувале во изработка на тој закон. Нека го изработат законот и еве ние се обврзуваме како политичка партија, да тоа што тие ќе го изработат да го поддржиме, рече Мицкоски.

Според него, нема потреба од нова лидерска средба, доколку разговараме на тема за одложување на изборите, бидејќи изборите се закажани на 12-ти април, парламентот се распушта кога беше дефинирано  12 февруари и тоа за нас е завршена тема и немаат никаква дилема.

Ако од владеачкото мнозинство го прифатат барањето за законот за ЈО, тогаш тоа не значи одложување на изборите, рече Мицкоски.

-Апсолутно не. Тоа едно со друго не се поврзани. Едната работа е завршена. Договорена, утврдена и завршена. Тоа е за нас тема која што нема потреба да се отвора. Ова е предлог од страна на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на експертско тело кое што ќе донесе вистински експертски закон. Дали ние ќе бараме компромис апсолутно немаме намера. Апсолутно немаме намера да бараме компромис, рече тој.

Според него, ако власта реши да се донесе постојното предлог решение тие, како опозиција вели, и да сакаат не можат да да направат ништо ако одлучат на сила да го туркаат тој закон. Но апелираше за разум, и за почитување на демократијата, за вели, да не оставаме лош пример, на кој ќе се повикуваат секогаш на оваа непримерна пракса.