Манчевски: Целта не е да се казнуваат вработените во јавниот сектор

Целта не е да се казнуваат вработените во јавната администрација, туку да се поттикнат тие самите да вршат притисок врз раководните лица, изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во врска со неговата изјава дека сите оние институции коишто нема да ги внесат податоците за своите вработени во информатичкиот систем за управување со човечките ресурси, нема да земат плата.

Во емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24, министерот Манчевски истакна дека целта на ажурирањето на податоците во информативниот систем за човечки ресурси не е некој да биде казнет, туку да се воведе ред и да се почитуваат законите.

– Им даваме рок на институциите да се прилагодат со цел на крајот на денот никој да не остане без плата. Откако податоците ќе се внесат во системот, се следат и повеќе нема да постои опасност. УЈП проверува дали раководните лица ги платиле придонесите. Укажуваме и преку инспекции на крајот на денот доколку е утвдрено дека некое раководно лице не ја извршило својата должност, казната е од две до три илјади евра, појасни Манчевски.

Во овој момент, како што посочи Манчевски, има 1.036 активни систематизации, коишто не значи дека се ажурирани, а околу 265 институции немаат никакви систематизации. Најголем отпор има кај институции од здравството и образованието. Според Манчевски, понекогаш не се работи за отпор, туку за недоволно познавање кај лицата во институиите кои треба да ги ажирураат податоците.

Според професорот Борче Давитковски во ваква ситуација подобро е министерот или раководителот да платат три илјади евра, отколку тоа да оди на грбот на вработените.

– Тоа е грешка на старешината, кој е должен актот за систематизација да го достави до Министерството, кое сите ставки ќе ги стави во регистерот на вработените, вели професорот Давитковски, додавајќи дека не може да бидат казнети вработените, затоа што раководителот „не може или не сака да си ја работи својата работа“.

Универзитетскиот професор Леонид Наков смета дека недостига одговорност кај одредени раководители во флуктуацијата на работните места во органите на државната и јавната администрација.

Поранешната министерка за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска вели дека вработените не треба да ги сносат последиците за неодговорноста на раководителите, но ја поддржува и автоматизацијата, бидејќи смета дека таа е еден од начините како конечно да се обезбеди таа евиденција.

– Не станува збор само за бројот на вработените, туку дека на министерот му се врзани рацете да ги спроведе реформите. Тој не може да ги почне, ако ги нема тие податоци, не само за обемот, туку и за структурата на вработените, рече Арсовска-Томовска.