Очекувам пратениците да носат одлуки што се влог во нашата државна иднина. Секој од пратениците во нашето Собрание влегол во Парламентот со завет и со обврска да ја приближи оваа држава во НАТО и до ЕУ, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање дали законот за одбрана може да помине заедно со законот за јавно обвинителство, доколку се обезбедат 80 пратеници.
– Законот за Јавно обвинителство, вчера слушнавме и од официјални претставници на ЕУ, е клучот за побрзо членство, за побрз почеток на преговори. Меѓутоа, кај законот за одбрана работите се уште повидливи. Практично, тоа е последниот чекор што треба да не направи де факто реална земја членка на НАТО. И не мислам дека било кој пратеник во Собранието ќе одлучи да се коцка со нешто што толку тешко го стекнавме, рече Шекеринска во изјава за медиуми по НАТО работилницата во МНР.
Во овие следни две недели, посочи министерката, ги правиме клучните чекори и за нашето членство во НАТО и за нашето членство во ЕУ и оти законот за одбрана и законот за ЈО се тест за секој пратеник и за секоја политичка партија.
– Дали само зборуваат за ЕУ и НАТО или се подготвени реално да ги поддржат вистинските реформи зад кои застанаа и ЕУ и НАТО. Убедена сум дека граѓаните ќе го препознаат тоа и убедена сум дека ќе гласаат за да државата продолжи во насока на стабилност, безбедност и просперитет, рече таа.
Ги повика пратениците да ги заборават и партиските притисоци, да ги заборават и партиските интереси и да покажат дека безбедноста, сигурноста и иднината на оваа држава сепак им е приоритет.
– И затоа, да, очекувам да имаме двотретинско мнозинство за законот за одбрана. А историјата ќе суди за сите оние што ќе одлучат да бидат од другата страна. Законот за одбрана е реализација на нашиот државен сон. Ако сме членка во НАТО мора да бидеме способни да ја искористиме привилегијата и моќта која ни ја дава НАТО. Да зборувате за НАТО членство, да се залагате за НАТО членство, а потоа да не го гласате законот за одбрана е неприфатливо. Се надевам и очекувам дека секој пратеник во нашето Собрание соочен со, јас би рекла, државната обврска да се поддржи овој успех на државата ќе го направи вистинскиот чекор, ќе ја донесе вистинската одлука и заедно со ратификацијата на НАТО протоколот ќе ја имаме и целосната законска регулатива која што го носи законот за одбрана, подвлече таа.
Истакна дека на крајот на процесот на нашето пристапување во НАТО не можеме да се покажеме како несериозна земја, и оти тоа влијае на имиџот на Република С. Македонија, на отвореноста со која земјите членки ќе не прифатат и од тој аспект, како што рече, немаме право на грешки.
Во однос на ратификацијата на Протоколот за нашето членство во НАТО, рече дека вестите што стигаат од Шпанија се позитивни.
– Очекуваме во следните неколку недели овој процес целосен на ратификација да се заврши и очекуваме, како што чувте, веќе на 11 февруари и нашето Собрание да даде зелено светло за ратификацијата на нашиот Протокол за членство во НАТО, истакна Шекеринска.