Пренесување на искуствата и најдобрите практики за прилагодување на работните процеси на Постојаната мисија на Република С. Македонија во НАТО и надлежните државни институции со обврските за претстојното полноправно членство е целта на работилницата која денеска ја организира Министерството за одбрана со претставници од делегација на Обединетото Кралство во НАТО.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска која заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј присуствуваа на работилницата, изрази задоволство што со британска поддршка ја организираат првата серија подоговки како домашниот систем на државата ќе функционира во соработка со нашата Постојана мисија во НАТО и на кој начин да го извлечеме максимумот од нашето членство во најмоќниот воено-политички сојуз на денешнината.
-Република С. Македонија ги прави последните чекори пред членството во НАТО Алијансата, нашиот стратешки и државен приоритет број 1. Денеска ги правиме и последните чекори во подготовката. Нашата амбиција не е само да бидеме член во Алијансата, туку да бидеме добро подготвена членка која целосно ќе ги искористи предностите на НАТО членството, рече Шекеринска
Таа оцени и дека вестите кои доаѓаат од Шпанија се позитивни, последна од членките на Алијансата која требада го ратификува протоколот за членство.
-Очекуваме следните неколку недели овој процес на ратификација да се заврши и веќе на 11 февруари нашето Собрание да даде зелено светло за ратификацијата на нашиот протокол за членство во НАТО. Заедно со ратификацијата очекуваме
Амбасадорката Рејчел Галовеј изјави дека Обединетото Кралство е особено гордо на силните безбедносни и билатерални врски со С. Македонија, кои се зајакнуваат во изминатите години и ќе продолжи со поддршката на евроинтеграциските процеси на земјата.
– Ни претставува задоволство што во пресрет на исполнувањето на вашата цел за членство во НАТО нашата делегација од Брисел е тука и може да помогне подобро да се подготвите. Ги поддржуваме реформите што се преземаат и ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина. Имаме тим на Криволак кој работи со припадници на Армијата, како и советник во Министерството за одбрана и ќе продолжиме и во иднина, изјави Галовеј.
С. Македонија, посочи Галовеј, веќе има силна улога во НАТО и сега ќе го заземе полноправното место во структурите за носење одлуки.
– Ние тоа го видовме, кога знамето на С. Македонија гордо се развиори на НАТО самитот во Лондон во декември минатата година, рече Галовеј.