Државниот мониторинг систем со чести дупки во податоците, од МЖСПП велат работат тој да биде целосно оперативен

Во Тетово од завчера, а во Скопје веќе веќе трет ден во сила се мерките и препораките против аерозагадувањето на Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство откако податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух покажаа надминување на вредноста на ПМ 10 честичките од 175 mg/m3 во текот на два последователни дена.

Работата на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање, а податоците се отчитуваат на веб порталот на кој се објавуваат on-line податоците од извршените мерења. Покрај податоците за квалитет на воздух во реално време, на веб порталот континуирано се објавуваат и надминувањата на граничните вредности, но и законската легислатива, дневните, месечните и годишните извештаи, планските документи за воздух.

Од стручната јавност, пак, со забелешки на големите и чести дупки во податоците на Државниот автоматски мониторинг систем, кои велат треба да се надминат.

Професор Дејан Мираковски, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, во разговор за МИА посочува дека, Државната мрежа за мониторинг на квалитетот на амбиенталниот воздух, која ја има воспоставено МЖСПП, според големината на територијата и популацијата на одделните земји е споредлива на регионално ниво, како од аспект на просторната покриеност така и од аспект на обемот на загадувачки материи што се следат. Сепак, вели, слабата кондиција на старите и често несоодветно или недоволно одржувани инструменти резултира со чести испади на делови од станиците од суштинско значење, а долгите периоди на сервисирање водат и до голема загуба на податоци.

-Обезбедувањето соодветно ниво на финансирање и редовна замена и одржување на постојните системи за мониторинг се од круцијално значење за обезбедување целосни и навремени информации за оцена на квалитетот на воздухот во зоните што се набљудуваат, поради што овие процеси би требало да бидат императив за државните органи што управуваат со овие системи, посочува Мираковски.

Според него, не може да се игнорира и очигледната потреба од понатамошен развој и проширување на државната мониторинг-мрежа, како од аспект на покриеноста, односно вклучување на сите поголеми урбани средини, така и од аспект, вели, на вклучените загадувачки материи -задолжително вклучување на фината фракција на суспендирани честички – ПМ 2,5, како и анализа на содржината на некои метали или органски загадувачки материи во суспендираните цврсти честички.

– Воведувањето нови технолошки решенија со намалени трошоци на одржување или хибридни мрежи со комбинации на технологии на мониторинг и повремено контролирани локации би можеле да обезбедат соодветен баланс помеѓу потребите и можностите на нашата држава, смета професор Мираковски.

Тој појаснува дека хибридните мрежи подразбираат нови решенија кои се докажани како еквиваленти. Такви има за озон, азотни оксиди, елементарен јаглерод (кој ние не го мериме воопшто а е важна компонента за наши услови)…или на системи со помал број компоненти, а со тоа и поевтини и покомпактни, за да се покријат повеќе локации, како и собирање податоци на индикативно ниво, но со референтни стандардни методи, и кои што се во согласност со директивите.

-Тоа би било надополнување на податоците од автоматските мрежи и многу добра основа за идентификација на изворите, контрола на некои опасни материи, нагласува Мираковски кој е коавтор на над 150 научни трудови и учесник во над 80 апликативни истражувачки проекти.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *