Владата во Штип ја одржа четвртата седница

Владата на Република С. Македонија на својата редовна 4-та седница донесе одлука за поништување на решенијата за разрешување на должност вршители на должност и именување на вршители на должност директори во јавните установи – меѓуопштински центри за социјална работа во Штип, Битола, Пробиштип, Валандово, Прилеп и Радовиш.

Одлуката на техничката министерка Рашела Мизрахи за разрешување и именување на в.д. директорите на центрите за социјална работа е донесена спротивно на чл.46 став 2 од Законот за Влада: „Дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа“.

Со оглед дека целта за избор и на техничкиот министер и на дополнителниот заменик на министер е организација на изборите за пратеници во Собранието, сите правни и кадровски прашања потребно е заедно и рамноправно да се разгледуваат и за истите заедно и рамноправно да се носат одлуки, односно да се одобруваат, што следствено ќе биде верификувано со акт/документ кој ќе биде потпишан во случајов од министерката и од дополнителната заменичка на министерката за труд и социјална политика.

Техничката министерка, спротивно на законот и со притисок врз вработените во архива (со писмена наредба) ги донела решенијата за разрешување и решенијата за именување на други вршители на должност директори во јавните установи меѓуопштински центри за социјална работа.

На денешната седница се донесени повеќе заклучоци за оддавање достојно признание на авторите на филмот „Медена земја“, кој по серијата највисоки меѓународни филмски признанија, е номиниран за највисоката филмска награда „Оскар“ во две категории.

Како признание за овој најголем филмски успех на македонските филмски уметници и протагонисти на филмот „Медена земја“, Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ги преземе сите потребни активности со кои ќе обезбеди материјална помош и домување за Атиџе Муратова и осумчленото семејство што учествуваше во филмот, а Министерството за култура да обезбеди државна награда соодветна за достигнувањето на пет-члената екипа која го сними филмот која треба да предвиди признание за успехот и месечен материјален надомест.

Меѓу заклучоците на Владата се и препораката за Агенцијата за филм, да организира настан прес-конференција во која ќе разговара за улогата на владината агенција и фер распределбата на буџетските средства за поддршка на македонски филмови, и на таа прес-конференцијата да се поканат и продуцентите односно филмската екипа.

Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да организира серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, а Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука, да организираат емитувања на филмот „Медена земја“ за сите средни училишта во земјата, на универзитетите и во домовите на култура, за широка афирмација на големите и благородни пораки што ги пренесува филмот.

Канцеларијата на претседателот на Владата презема обврска, во соработка со продуцентите на филмот да организира бесплатно емитување на филмот за граѓаните во кината, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик.

Како дел од одлуките за признание за авторите и протагонистите на филмот „Медена земја“, Владата ги задолжи Генералниот секретаријат, во соработка со Агенција за филм и Канцеларијата на претседателот на Владата, да ги преземат патните трошоци околу патувањето на петчлената филмска екипа и протагонистката на доделувањето на Оскарите.

На оваа своја седница Владата го донесе „Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020-2029 г.)“, со акционен план, со кој се обезбедува имплементација на сите препораки на УНЕСКО.

Во Планот се прецизираат забранетите активности во соодветните заштитни зони и се утврдија идните специфични планови и истражувања што се неопходни за обезбедување на одржливиот развој на подрачјето на доброто.

Со предложените мерки ќе се зајакне институционалниот капацитет за одржливо управување на заштитетното светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.

Владата даде позитивно мислење на барањето на Собранието на С. Македонија на Предлог – законот за субвенциониран студентски оброк, кој во пратениците треба да го усвојат по скратена постапка.

На денешната седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, кој, меѓу другото, предвидува повеќе случаи како причина за одземање на концесијата за експлоатација заради битни повреди на одредбите од договорот во случаи кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес, безбедноста и здравјето на населението.

На предлог на Министерството за правда, Владата го утврди текстот на Предлог-законот за Агенција за разузнавање, и донесе одлука да биде пуштен на усвојување во Собранието.

Со донесувањето на новиот закон на Агенција за разузнавање, Република С. Македонија ќе се стекне со модерна, професионална и ефикасна служба за надворешно разузнавање, способна во секој момент да се соочува со предизвиците.

Со донесувањето на новиот закон за Агенција, конечено ќе се заокружат започнатите реформи во безбедносниот систем во Република С. Македонија, како предуслов за влез на државата во НАТО. Ова е во полза на националната безбедност и граѓаните воопшто.

Владата на оваа седница го утврди и Предлог-законот за управување со движење на предметите во судовите (АКМИС), кој произлегува од потребата за реформа на судството во Република С. Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, стратегиската цел на Република С. Македонија за членство во ЕУ и НАТО и од потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди.

Во работата на оваа седница на Владата, која што се одржа во Штип, учествуваа и градоначалниците од општинитe Штип, Пробиштип, Свети Николе, Радовиш, Конче, Чешиново – Облешево, Карбинци и Лозово, кои со своите презентации на приоритетите на граѓаните од регионот, дадоа придонес за утврдување на приоритетите за политики и одлуките за проекти кои може да ги реализираат општините со поддршка на централната власт.

За еден таков приоритет денеска се расправаше и оваа седница на Владата со разгедување на информацијата за отпочнување со реализација на проектот: Изградба на насипна брана со придружни објекти „Отиња“.

Во истата насока беше и информацијата за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Проект за инфраструктура за изградба на двосистемски 2 пати по 110 kV надземен приклучен вод за трафо станицата „Неокази” во општина Пробиштип, со која што се обезбедува стабилно снабдување со електрична енергија на индустриските капацитети со странски капитал во Општината Пробиштип.

На седницата стана збор и за заедничка иницијатива на општините во регионот за изградба на секундарната гасоводна мрежа, односно за пристап до поевтин и поеколоши енергенс, каков што е гасот, до граѓаните и компаниите во регионот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *