Со традиционалното капење на рибарите во Охрид се прославува празникот Свети Јован Крстител

Празникот Водици и Богојавленските чествувања во Охрид продолжуваат и денеска на Соборот на Свети Јовен Крстител, со капењето на рибарите во Езерото. како продолжение на веќе воспоставената традиција на тој начин да се одбележува завршувањето на забраната за риболов на Охридското Езеро после зимскиот мрест.

Манифестацијата и оваа година предвидува богата културно-забавна програма, со народна музика, греано вино, топла ракија. И оваа година празникот нема да мине без големиот казан и рибната чорба. Во казанот поставен на Градскиот плоштад професорите и учениците на ОУТУ „Ванчо Питошески“ почнаа со приготвувањето околу 1,5 тони од тој специјалитет.

За чорбата се обезбедени 400 килограми риба, 70 килограми морков, 20 килограми целер, 25 килограми пашканат, десет килограми кромид, сто литри масло, 60 килограми брашно, како и други намирници и зачини. Планирано е да бидат разделени околу пет илјади порции од чорбата, а дел како и секоја година ќе биде доставен и до социјално ранливите семејства од градот.

За забавата оваа година е задолжен нашиот фолк пејач Миле Кузманоски, кој ќе ги забавува гостите на манифестацијата која веќе е бренд на Охрид. Инаку, ова е 30-ти пат како организирано во Охрид се прославуваат Богојавленските празници.

Инаку, вчера фрлањето на Светиот крст во Охрид го следеа рекорден број гости. Повеќе од десет илјади верници од градот, околината, земјата, но и гости од странство беа тука за да го проследат чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро. Петар Рупески од охридската населба Варош беше најсреќниот меѓу неколку стотините верници кои скокаа по Чесниот крст. Тоа беше петти пат како на Рупески му појде од рака да го издвади крстот од осветените езерски води.

Дека Охрид изминатиот празничен викенд ќе биде полн со гости навести уште вечерта на 18 јануари со големата посетеност на хрватската поп ѕвезда Петар Грашо на Градскиот плоштад. И оваа година беше потврдено дека празнувањето на Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во православието, барем во овој дел од светот

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *