Попова Шапка и со малку снег полна со гости

 Скијачкиот центар Попова Шапка, иако моментно ги нема минималните сантиметри снег за официјален почеток на скијачката сезона, сепак е преполн со посетители. И неколкуте сантиметри снег сепак насекаде ја обелија Попова Шапка, што е привлечно и многу луѓе за да дојдат на рекреација и одмор.

Во деновите на училишниот распуст и оваа снежна покривка го направија центарот идеално место за сите кои имаат деца да ги донесат за забава на снег и на чист воздух. Децата и нивните радости што играат, се санкаат или учат да скијаат се главната карактеристика овој период на Попова Шапка. Со оглед на топлото и сончево време, угостителските објекти имаат поставено маси и столови на отворено, каде што може да се ужива и одмора на кафе или ручек.

– Тетово и цела котлина се во магла. Поради тоа е вистинска тешкотија да се излезе надвор со деца, ладно е, а воздухот е загаден. Некаде на половина пат ја одминавме маглата и сонцето нè стопли и нè орасположи. Тука е многу поинаку, наместо зимски јакни, децата си играат на снегот по блузи, бидејќи е топло. И што е најважно, воздухот е чист, вели Александра Јовановска, која со сопругот и трите деца престојува неколку дена во викендичка на Попова Шапка.

Снегот е доволно голем за санкање, како и за учење на првите чекори во скијањето. Неколку ски-школи деновите од распустот секојдневно носат деца на Попова Шапка за да ги научат како да скијаат. Детските ски-инструктори наплаќаат од 600 до 1.000 денари во зависност од понудата и од тоа што е вклучено. На тој начин имаат работа и неколкутемина тетовци или жителите од шарпланинските села, кои издаваат скии и санки.

– Скиите се издаваат 300 денари на ден. Скијачи возрасни нема зашто снегот не е доволен. Тие чекаат поголем снег. Сепак, не сме без работа, бидејќи има голем број деца. Некои учат да скијаат, некои изнајмуваат да се потсетат на скијачките потези. Има неколку места што се добри за кратки спустови на децата. Санките ги издаваме од 100 до 200 денари, исто и за нив има интерес зашто може да се санкаат децата насекаде низ Попова Шапка, вели Фатмир, кој има изложено скии и санки во близина на ски-лифтот „Свети Илија“.

Директорот на скијачкиот центар „Попова Шапка“ подружница на ЕЛЕМ турс, Живе Алексовски, вели дека сè е подготвено за скијање на возрасните скијачи кога и да падне поголем снег. Во употреба може веднаш да се пуштат сите ски-лифтови за да ги однесат на повисоките скијачки патеки.

– Новиот шестосед како најважна и најголема новина за ски-сезоната 2019/2020 е готов и се чека дозвола за употреба од Министерството за транспорт и врски. На сите останати ски-лифтови уште во текот на летото и есента беше извршен ремонт на сите механички и електронски елементи. Новиот шестосед ќе го дуплира капацитетот на цело скијалиште, единствено недостига снегот, вели Алексовски.

За да се пуштат во употреба ски-лифтовите за скијачи потребни се 30-тина сантиметри снег.

– Ски-лифтовите „Свети Илија“ и „Церипашина“ и сега работат за оние посетители кои сакаат да се повозат и да уживаат во панорамскиот поглед. Цената е 200 денари за „Свети Илија“ и  150 за „Церипашина, вели Алексовски.

За употреба на ски-лифтовите за скијачите дневниот билет, кој важи од 9 до 16 часот, ќе се продава по цена од 1.000 денари. Шестотини денари чинат полудневниот билет (се користи по 12 часот), како и детски ски-билет (до 12 години), а за ноќно скијање од 19 до 22 часот, треба да се плати 500 денари. Постоји и сезонски билет, чија цена зависи од тоа кога е купен. За новата шестоседна жичница поединечен билет ќе чини 200 денари.

ЕЛЕМ турс подружница Попова Шапка Тетово располага со два хотела „Попова Шапка” и „Славија”, кои се наоѓаат на 1.707 и 1.780 метри надморска височина. Двата објекти имаат вкупен капацитет од 250 легла, а ноќевање со појадок чини 1.260 денари. Десетици сместувачки капацитети што се во приватна сопственост исто така нудат повеќе опции и цени за ноќевања и оброци.

Над Попова Шапка на повисоките делови од Шар Планина, над 2.000 метри надморска височина, има и поголемо количество снег. Проценките се дека има и до еден метар снег, а таму за скијање одат луѓе за т.н. фри-рајд, односно скијање на снег што не е истапкан во неуредени планински предели.

Во рамките на регулираните скијалишта на Попова Шапка ски-терените бележат површина од 35 квадратни километри.

Регионалниот патен правец Тетово – Попова Шапка беше целосно реконструиран на целата должина од 18 километри. Градежните работи, асфалтирањето и поставувањето сигнализација и останатите работи се извршија од 23 јули до 25 септември 2019 година.