Големи разлики околу бројноста на протестот во Атина

Протестот што вчера се одржа на плоштадот Синтагма во Атина насловен „Македонија значи Грција“, заврши мирно, без инциденти, но предизвика различни оценки и коментари околу бројноста на собирот.

Организаторите пред протестот објавија дека од сите краишта на земјата се организирани автобуси, а одеше и кампања на социјалните мрежи. Според нивните изјави, на собирот се очекуваа најмалку еден милион граѓани.

Според грчката полиција, пак, на собирот, во центарот на Атина, учествуваа околу 140 илјади граѓани.

Од протестот беше упатена резолуција, која организаторите најавија дека ќе ја достават до претседателот на државата, премиерот и до грчкиот Парламент.

– Да се исклучи секаква можност за користење на грчкото име Македонија и изведените зборови, кое е еднакво со името Грција и е нераскинлив елемент од националниот идентитет, побараа организаторите во нивната резолуција.

На собирот, како што јави дописникот на МИА од Атина, прв говорник беше грчкиот композитор Теодоракис, кој упати остри критики до грчката Влада, но и до нашата земја. Освен тоа што рече дека Македонија е грчка, Теодоракис, побара и референдум.

– Ако една грчка влада помисли да го стави потписот на земјата за сложено име, нема друг избор освен да го праша грчкиот народ. Упатувам повик до пратениците, кои го имаат тоа право да побараат референдум, рече Теодоракис.

Паралелно со протестот на Синтагма, на оддалеченост од околу 800 метри, анархистички и антифашистички организации одржаа контра протест, каде и покрај мерките од полицијата, дојде до мали инциденти предизвикани од група ултрадесничари. Групата ја нападнала полицијата со камења, а специјалците одговориле со мала количина солзавец.

Паролите што ги извикуваа учесниците на протестот беа истите што се слушнаа и на протестот во Солун, дека Македонија е грчка, но, според аналитичарите и новинарите во Грција, протестот не беше само патриотски, туку, како што веќе анализираше МИА, доби и антивладин карактер.

Протестот преку твитер го коментираше шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас. На неговиот профил напиша дека „рејтинг агенциите денеска добија демант“ и упати критики до опозициската Нова демократија.

– Продолжувам, со мирна совест и одговорност да преговарам за доброто на татковината, напиша Никос Коѕијас на твитер, објави МИА.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *