Во Охрид се спроведуваат финалните подготовки за Водици

Во Охрид започнуваат финалните подготовки за организацијата на најмасовната манифестација во градот – Богојавленскиот водосвет и осветувањето на водите на Охридското Езеро за Водици. Точно на пладне започнува пријавувањето на капачите кои ќе го бараат Чесниот крст во осветените езерски води.

Сите заинтересирани граѓани може да се пријават во црквите „Свети Никола Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Свети Великомаченик Георги“, а евидентирањето на пријавените капачи ќе се врши заклучно со 18 јануари до 17 часот.

Пријавените капачи ќе можат да ги извршат потребните медицински прегледи во поставените шатори на охридскиот Црвен крст на 18 јануари од 19 часот и во утринските часови на 19 јануари, на денот на манифестацијата.

Од денеска стартуваат и активностите за чистење и украсување на Градскиот плоштад, крајбрежните делови на езерото на потегот кај Градското пристаниште, а нуркачи од „Амфора“ ќе го чистат езерското дно во делот на пристаништето каде ќе влегуваат оние што ќе пливаат по крстот.

Поради непречено одвивање на сите активности во делот на организацијата на големиот црквно-народен собир од 18 јануари од 23 часот до 20 јануари до 16 часот нема да биде дозволено паркирање возила на потегот во близина на објектот на Капетанијата на пристаништата и паркингот во потегот на кружниот тек во центарот на Охрид. Организаторите на манифестацијата апелираат до сите сопственици навреме да ги отстранат своите моторни возила од локацијата, заради оа што потоа истите ќе бидат отстранувани од надлежните служби.

Што се однесува на самите содржини за манифестацијата, и оваа година Општинската организација на Црвениот крст на 19 јануари организира традиционалната крводарителна акција „Водици 2020“. Крводарителската акција што годинава ќе се реализира под мотото  „Една капка може да промени се“ ќе се врши во периодот од 9 до 15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Инаку, за што поголема посетеност и привлекување гости во градот за празниците, Општина Охрид организира пригодна забавна програма, со големиот концерт на балканската музичка ѕвезда Петар Грашо што ќе се одржи во пресрет на празникот на 18 јануари со почеток во 20 часот на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“. На 20 јануари во рамки на манифестацијата Денот на рибарите на празникот Свети Јован Крстител, на Градскиот плоштад со почеток во 12 часот концерт ќе одржи македонската фолк ѕвезда Миле Кузманоски.

Инаку, оваа година се одбележува 30-годишниот јубилеј од првото масовно и организирано прославување на Богојавленските празници во Охрид каде осветувањето на водите има вековна традиција.

Со оглед на тоа што празникот е во викенд,  се очекува во Охрид да пристигнат голем број гости од земјата и странство и да ги исполнат сместувачките капацитети. Со цел да ги поддржат Богојавленските чествувања и да придонесат за поголем број гости, охридските хотели и годинава нудат во периодот од 16 до 20 јануари нудат сместување по симболична цена од 15 евра на ден.

Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *