Шкријељ: Со канцеларијата во Јегуновце обезбедуваме еднаков пристап на граѓаните до социјалните права и услуги

Министерството за труд и социјална работа е во насока на развивање на услугите за старите лица во нивните домови, додека за старски домови во руралните места можноста ја имаат локалните власти со меѓуопштинска соработка. Ова го истакна дополнителниот заменик министер Санела Шкријељ на новинарско прашање во врска со тоа како да се унапреди заштитата на стари лица во места каде нема соодветни институции како старски домови или грижа на установите.

– Она што ние сакаме да го развиваме е услугата за помош и нега во домашни услови и тоа е нешто согласно трендовите. Секој да ја добие услугата во својот дом. Тоа се и најновите препораки и трендови, тоа е најновиот хуман начин, да не ги вадиме од домот, туку да обезбедиме услугата во нивниот дом, рече таа.

Втората можност е градење на старски домови. Две или повеќе општини имаат можности здружено да работат на такви установи.

– Има критериуми, треба да се исполнат, се носи одлука на Влада и согласно исполнетост се издава решение од Министерство. Ги поттикнуваме општините да развиваат меѓуопштинска  соработка. Токму сега во Јегуновце разговаравме за дом за стари лица. Не е нешто што мора да го има во секоја рурална општина. Може да се договорат општините по принцип на меѓуопштинска соработка да се покријат за таков проект, истакна Санела Шкријељ.