Османи: Македонија очекува сигнал за јасна европерспектива

Македонија очекува во Стратегијата за проширување што Европската комисија ќе ја објави утре да добие јасна европска перспектива, но и можност да го достигне рокот заедно со Србија и Црна Гора во 2025 година да стане дел од Унијата, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

– Очекуваме на Македонија јасно да и биде сигнализирано дека има перспектива, се разбира по затворањето на отворените политички прашања во смисла на односите со соседите, да добие датум за преговори, но исто така важно е да добие можност да го достигне рокот заедно со Србија и Црна Гора, се разбира доколку во меѓувреме успееме да ги постигнеме критериумите. Битно е да ни се даде можност, а потоа се ќе зависи од нас, рече вицепремиерот Османи пред одржувањето на работниот појадок со амбасадорите на земјите од Западен Балкан во Република Македонија.

Според него, треба да се има предвид дека Македонија има најголемо искуство во овој процес, најдолго е во овој процес и во реалноста има постигнато многу во смисла на хармонизација со европската легислатива и во исполнување на критериумите.

 

– Доколку добиеме датум тоа ќе биде поттик ние да ги достигнеме и другите држави кои го предводат самиот процес, вели Османи.

Тој изјави дека официјално документот што утре ќе биде презентиран во Стразбур, на македонските власти ќе им биде доставен од евроамбасадорот Самоел Жбогар. Во однос на содржината на документот посочи дека имаат прелиминарни сознанија за тоа што тој содржи со оглед на тоа дека во овој период водени се интензивни комуникации со Брисел, но и со земјите членки на ЕУ, како и со земјите од регионот.

– За нас е важно да  ги започнеме преговорите. Македонија има доста постигнато во тој процес и досега во овие 17 години откако е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација работиме на хармонизација на легислативата и сметаме дека ако започнеме преговори многу брзо ќе отвораме и затвораме поглавја, бидејќи ние и пред да започнеме преговори имаме работено на тој процес и постигнато резултати. Затоа ни е важно да ни се даде можноста и ние да го достигнеме рокот 2025 година, бидејќи сметаме дека ќе компензираме брзо за недостатокот во прогресот во изминатиот период, истакна Османи.

Вицепремиерот Османи денеска има работен појадок со амбасадорите на земјите од Западен Балкан во Република Македонија. Ова е втор координативен состанок во ваков формат заради важноста на моментот на евроинтеграциите и координација и синхронизацијата на ставовите, а во пресрет на утрешното објавување на Стратегијата за проширување на ЕУ. Според Османи, важно е што со Стратегијата се менува пристапот односно се дава временска рамка за проширување на Европа со земјите од Западен Балкан.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *