Патување низ Галилеја

galileja1

ИНТЕРЕСНО ПАТУВАЊЕ НИЗ ГАЛИЛЕЈА

На патот што води од Тел Авив кон Назарет, Тиверијада и кон другите места од Галилеја тргнавме во утринските часови и поминавме низ многу интересни и живописни населе­ни места, што предизвикуваат изненадување и восхит за секој посетител. Овие преде­ли само до пред шеесетина години биле ненаселени, речиси пусти, а површините не­об­работени

Но, во последниве децении, на сметка на Тел Авив и на другите примор­ски градови, кои поради излезот на Средоземното Море се ограничени во просторното ширење, овде сé повеќе се гради, особено во Галилеја, каде се подигаат нови населби и урбани живеалишта.

Со ширењето на новите населби, државата настојува постепено да се ослободува од големиот прилив на населението во големите градови. На тоа се при­нудени, зашто во последните неколку години бројот на вкупното население во Из­ра­ел се зголемува со постојаното доселување на Евреи од другите земји, особено од државите на поранешниот Советски Сојуз.

Во исто време, паралелно со подигањето на нови­те населби се градат и нови фабрики и други преработувачки капацитети, со што ефи­ка­с­но се намалува бројот на невработените. Во првата година од доселувањето на дој­ден­ците им се обезбедува социјална помош, додека да се снајдат и да почнат сами да за­работуваат за живот. Социјална помош може да се добие преку обезбедување стан и извесен дел средства за храна, или, пак, добивање средства за обезбедување на сите по­треби за храна, а станот да си го обезбедат сами.

galileja2

Галилеја

Меѓутоа, во последно време социјалната помош за новодојденците се зголемува, зашто повеќе примери од практиката покажу­ва­ат дека ниту едната ниту другата варијанта не се доволни за нормална живеачка спо­ред стандардите во државата каде што просечната месечна плата изнесува околу 1.500 УСА долари.

Освен тоа, на жителите во Израел им се обезбедува и бесплатно уче­ње на хебрејскиот јазик и на други странски јазици, а им се овозможува и бесплат­на стручна обука преку разни курсеви, со што новодојденците постануваат квалифи­ку­вани и ко­ри­с­ни и за себе и за државата.

Нашиот престој беше организиран преку патничката агенција АД „Компас“ – Скоп­је, која се потруди да имаме пријатен престој и да се запознаеме со голем број кул­турно-историски споменици. Така, на пат за Назарет поминавме долж средоземноморскиот брег, каде речиси на средината од патот, меѓу Тел Авив и Хаифа, се наоѓа исто­ри­ското место Кесарија, град со големо пристаниште. Него го изградил Ирод Велики и го нарекол според царот (кесарот) Август. Таму било престојувалиштето на римската вој­ска и седиште на римскиот управител.

На 30-тина километри северно од Кесарија, пак, се протега градот Хаифа, што е смес­тен на падините на планината Кармел, на брегот на Средоземното море. Со овој град е тесно поврзана еврејската историја, особено на оние Евреи кои по нивното при­стиг­нување во Хаифа, биле вратени назад во Европа, а притоа многумина се удавиле во мо­рето. За христијаните Хаифа претставува важен град бидејќи во него се наоѓа пештерата на све­ти Илија. Хаифа претставува голем трговски град и пристаниште во кој се наоѓа познатиот Тех­нички институт за наука и технологија.

Посебна живописност на Галилеја и, воопшто, на Израел му дава реката Јордан. Таа извира од планината Хермон, минува низ Галилејското Езеро, потоа тече низ цели­от простор по должината на границата меѓу Израел и Јордан и се влева во Мртвото Мо­ре. Старите историски податоци говорат дека Галилејското Езеро, всушност, неко­гаш било проширување на коритото на реката Јордан која тече околу 220 километри од Гали­леј­ското Езеро до Мртвото Море.

galileja3

Планината Хермон

Тоа било со солена вода, затоа и во многу документи и во библиските преданија се споменува како Галилејско, Генисаредско Море, кое е на 215 метри под нултата надморска височина. Во новозаветното време се нарекувало уште и Јан Кинерет. Но, со протекувањето на реката Јордан низ него, водата постепено се от­солувала, така што денес неговите слатки води имаат големо значење.

Северниот дел на Галилеја на хебрејски уште се нарекува и Галил, а поголеми гра­дови се Назарет и Тиверијада. Тие се градски центри што имаат важна улога во раз­во­јот на туризмот, преработувачката индустрија и, воопшто, во развојот на стопанство­то на Галилеја и на Израел.

Назарет се вишнее над долината со црвената земја, Шарон, која се споменува и во библиско време. И не случајно овој дел изобилува со многу библиски места, кои според преданијата во одреден период биле пространи мочуришта. Но, денес со досе­лу­вањето на новите жители, овие мочуришта се пресушени и сега на нив се протегаат план­тажи со портокали, со авокадо, со ореви и слично.

Населбата Хедера претставува најдо­бар пример за исушувањето на мочуриштето. Овде, првите доселеници умреле од ма­ла­рија. Но, упорноста да се опстои и во овие простори ги натерала другите што се досе­лу­вале да ги дупчат површините за да може застоената вода да понира или да истеку­ва кон морската површина.

Сепак, водата морало да остане незагадена и затоа на мочу­риш­тето почнале да се засадуваат еукалиптуси, што во Израел се пренесени од Австра­лија. Тоа се дрва со големи корени кои многу брзо ја апсорбираат мочурливата вода. Де­нес, во овој регион постојат цели плантажи со еукалиптуси, врз чија суровинска база се подигнати и фабриките за производство на хартија и за лековити билки.

Листот од еукалиптусот се ко­ристи за разни лековити напивки и чаеви, а кората од дрвото се користи за правење квалитетна хартија.    Создавањето на плодни ораници овозможува овде да се подигнат и најголемите план­та­жи со памук. Тоа производство денес е унапредено до тој степен што се произведува памук во боја: како на пример, кафеав или зелен памук

Во текот на патувањето се запознав­ме и посетивме и арапски села, населени со Палестинци. Евреите нив ги нарекуваат Ара­пи, бидејќи тие се доселени тука од пред 1948 година. Палестинците, пак, во автономните територии не се израелски државјани, за разлика од Арапите кои се др­жав­јани на Израел и се прифатени и интегрирани во тамошното општество.

Тие ги има­ат сите привилегии како и другите Израелци, со исклучок на тоа што младите Арапи не служат воен рок во израелската армија. Меѓутоа, помладите генерации во Израел веќе упатуваат забелешка со барање и тие како сите млади Евреи, вклучувајќи ги и Бедуи­ни­те, да служат воен рок, момчињата три години, а девојките две години.

Продолжува

c6

Пишува: СЛАВЕ КАТИН